Народна банка донесе одлука за дополнително јакнење на отпорноста на банкарскиот систем

ИЗВОРСкопје24
|

Советот на Народната банка, на својата редовна седница, донесе одлука за воведување макропрудентна мерка со која дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем, заради зачувување на неговата отпорност и натамошно јакнење на финансиската стабилност во услови на постепено зголемување на системските ризици. Со мерката се делува превентивно, односно се продолжува со натамошно зајакнување на капиталната сила на домашните банки, што е во основата на отпорноста на банкарскиот сектор на ризици. Имено, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, што ги вклучува податоците за првиот квартал на 2022 година, како и најновите показатели, се оцени дека има потреба од воведување стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот на банките за изложеностите во Република Северна Македонија, во висина од 0,5%. Оваа мерка ќе почне да се применува од 1 август 2023 година, што значи обезбедување доволно простор за приспособување на банките и за постепено формирање на заштитниот капитален слој без негативни ефекти врз солидната кредитна поддршка за економијата.

Билансите на банкарскиот сектор упатуваат на здрави фундаменти, што се потврдува и со редовните стрес-тестови коишто покажуваат дека банките се отпорни на можни шокови. Капиталните позиции на банките се стабилни, а квалитетот на кредитното портфолио засега е добар. Профитабилноста на банките е на солидно ниво, што значи дека банките имаат доволно интерен потенцијал за исполнување на капиталните барања, вклучително и за исполнување на предложената стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 0,5%.

Со воведувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.

На редовната седница, беше усвоен и најновиот Квартален извештај. Како што е посочено во Извештајот, последните макроекономски показатели упатуваат на остварување на ризиците во одредени сегменти од економијата, што создава понеповолен макроекономски амбиент за спроведување на монетарната политика. Домашната инфлација, слично на глобалните движења и понатаму забрзува. Нагорните придвижувања кај домашните цени и понатаму главно се одраз на фактори на страната на понудата, односно на цените на храната и енергијата, како резултат на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени поради воените случувања. Овие промени се пренесуваат и врз цените на останатите производи и услуги, а со тоа и врз инфлациските очекувања, поради што Народната банка во неколку наврати ја зголеми основната каматна стапка за вкупно 1,25 п.п. Домашната економска активност од почетокот на годината главно се движи во согласност со очекувањата, а и натаму има солидна кредитна поддршка од страна на банките. На девизниот пазар притисоците се значително намалени, а девизните резерви се во сигурната зона.