Нема да се воведува карантин ако во наредните денови бројот на заразени се намалува

ИЗВОРСкопје24
|

Техничкиот премиер Оливер Спасовски во вечерашното гостување на телевизија 24 рече дека доколку бројот за заразени во наредните денови се намалува, тогаш нема да се воведува карантин за одредени општини.

-Владата е во постојано заседание и ако се процени дека има потреба од дополнителни рестрикции тоа ќе биде направено. Доколку почнат да паѓаат бројките во наредните два до три дена, тогаш нема потреба од воведување карантински мерки. Доколку бројките растат, секако дека ќе се размислува за карантински мерки за определени подрајча или општини. Доколку вака се развива состојбата, каде сите кластери се познати, тогаш нема да има потреба од карантински мерки, рече Спасовски.

Владата на денешната седница го усвои протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на болеста, кои важат за сите работни места и за сите луѓе на работното место, како што се работодавците, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите.

Протоколот вклучува мерки кои се однесуваат на личната хигиена и заштитна опрема, препораки за респираторната хигиена и физичкото дистанцирање во работните простории, како и редуцирање на патувањата поврзани со работата, но и посебна организација кога е неопходно да се спроведат.

Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на болеста опфаќа и препораки и мерки за редовно чистење и дезинфекција на работната средина, постојана комуникација, обука и едукација за ризици, како и постапки кога е потребно менаџирање на вработените кај кои се појавуваат симптоми што одговараат на оваа болест.