Нешто поразично кај нас: Промоција на „Урбанон: Прирачник за Агенти“ – Друштвена игра со улоги

ИЗВОРСкопје24
|

Дали веруваш во урбани легенди? Што ако ви кажат дека сите урбани легенди се вистинити и дека има агенција чија главна задача е да го испитува паранормалното?

Токму тоа е Агенцијата за Опсервација, Транспорт, Лабораторија и Контрола – ОТРАЛКОН. Нејзините агенти се шетаат меѓу нас неприметно, секојдневно справувајќи се со натприродното со цел да ја заштитат јавноста. Нови хорори се појавуваат постојано, и Агенцијата има потреба од нови агенти, истакнува креаторот на оваа друштвена игра Марио Савовски.

После Урбанон: Тајните Документи доаѓа продолжение во форма на првата македонска друштвена игра со улоги (tabletop role-playing game) – Урбанон: Прирачник за Агенти, со промоција на 20ти Декември во Beertija Pub од 20:00 часот.

Нешто што го немало досега кај нас, играта е уникатна интерактивна приказна со повеќе играчи и еден Контролор (Game-Master) која главно се игра со разговарање помеѓу играчите и со фрлање на коцки. Секој играч си има свој карактер претставен на лист хартија исполнет со информации и атрибути. Преку тој карактер, играчот има удел во здружената приказна во која се наоѓаат сите играчи. Секој играч донесува одлуки за својот карактер, и со тоа влијае на останатите карактери и го менува самиот тек на приказната.

Преку Прирачникот, вие ќе навлезете во светот на ОТРАЛКОН, ќе станете Агенти и ќе истражувате урбани легенди, страшни настани и аномалии низ целата територија на Македонија.

….А за оние што се уште ја немаат прочитано првата книга, на промоцијата ќе можат да ја купат по промотивна цена или во пакет со играта.