Брајан Ротери (83) изгубил секаква надеж дека некогаш ќе ја види својата ќерка Џули Лунд (58) со која изгубил контакт кога била бебе.
Сè се променило кога Џули објавила стара фотографија од своето детство во група на Фејсбук.
„Дали некој го препознава семејството на оваа слика? Јас сум бебето во количката, а фотографијата е направена околу 1963. година. Многу благодарам”, напишала Џули, надевајќи се дека некој ќе и се јави.
Таа била воодушевена кога и се јавило семејството на фотографијата, кое се грижело за неа некое време додека била бебе. Ја изненадиле и со тоа што повторно ја споиле со биолошкиот татко од кој цел живот била разделена.
Џули Лунд немала поим дали нејзиниот татко е сè уште жив или каде се наоѓа. Охрабрена од реакцијата што ја добила за нејзината фотографија, таа побарала помош и членовите на групата на Фејсбук направиле мисија да го пронајдат.
Таа открила дека тој ја посетувал секоја недела кога била бебе и бил уништен кога нејзината мајка ја однела од таа област во Британија. Тие се сретнаа во Девсбери.
„Мислев дека никогаш повеќе нема да ја видам, се чувствувам толку чудно“, рекол Брајан, нејзиниот татко, додавајќи дека е чудо што повторно ја видел својата ќерка, иако тој, како што рекол, не верува во чуда.
„Ме прави малку тажна за целото време што го изгубивме, толку пати можевме да бидеме заедно, но нема смисла да гледаме назад, можеме само да гледаме напред“, рекла Џули.