Ноќ за паметење – Брајан Адамс ги разнежни, па подигна на нозе фановите во Скопје, но упати и важна порака која мора да ја запаметите

|

Скопјани вчеравечер беа сведоци на несекојдневен музички спектакл за кој веруваме уште долго време ќе се зборува… На Скопје му се случи Брајан Адамс. Во преполната „А1 арена“, каде публиката бараше влезница повеќе канадската мега ѕвезда одржа двочасовен концерт на кој присуствуваа граѓани од сите возрасти, а Авалон продукција уште еднаш докажаа зошто зошто се број еден во регионов. Иако концертот во Скопје беше дел од неговата светска турнеа насловена „Shine a light“, супер ѕвездата по големиот број на предлози од публиката ги осигура фановите дека ќе ги исполни сите негови најголеми хитови од дури 14те албуми кои ги има снимено во кариерата.

Самиот концерт го започна енергично и веднаш ја поздрави публиката на македонски јазик, па продолжи со извинување што прв пат доаѓа во нашата, како и дека премногу му се допаѓа фидбекот од публиката во салата и љубовта која му ја покажуваат. Уште со првите испеани песни, од неговиот последен албум, конекцијата со публиката беше воспоставена, па во текот на целиот концерт се чувствуваше како тие да дишеа заедно. На среќа на присутните во салата тој своите фанови неколку пати и визуелно ги вклучи во својот настап.

На една од поенергичните песни „You belong to me“, Брајан ја замоли публиката да ги покажат своите танчерски способноти за кои толку многу слушал, па на радост на сите во салата, најдобрите беа прикажани на огромниот видео бим позади пејачот – слика во која и самиот многу уживаше.

Играше, трчаше и навистина уживаше во атмосферата, а на репертоарот се редеа едни од неговите најпознати песни како „Shine a light“ , „Heaven“, „Here I am“, „Have you ever really loved a woman“, „Cloud number 9“, па публиката со громогласен аплауз го поздрави и неговиот маестрален гитарист Кит Скот, кој даде се од себе во своите соло делови.

Срцата на сите во салата ги освои со само еден потег, кога потполно го сопре концертот само за неговиот најголем фан да може потполно да ужива во концертот. Целиот негов тим се потруди дама во инвалидска количка да го добие потребното место и внимание за слободно да го проследи настанот, на што публиката му возврати со громогласен аплауз.

Дека социјалните мрежи го зазедоа главното место во приватниот живот на луѓето, се докажа и вчера, па супер ѕвездата мораше да ги потсети фановите дека треба да уживаат во моментот, наместо да снимаат со своите паметни телефони.

„Ве молам ставете ги телефоните во своите џебови. Го пропуштате концертот. Зошто дојдовте тука?“ – се обрати Брајан кон најверните фанови кои го фотографираа и снимаа од првите редови. Веднаш потоа следеа неговите најголеми хитови како „Please forgive me“, „Summer of ’69“, „Everything I do (I do it for you)“, „18 till i die“, „Run to you“ и многу други кои публиката со нетрпение ги очекуваше.

Она што е најинтересно за пејачот е дека покрај својата долгогодишна кариера познат е по тоа што навистина се грижи за своите фанови, па пред самиот крај упати силна порака – „Никогаш да не се откаживате од вашите соништа, ни во налуд сон никогаш не помислив дека песната која ја напишав на 18 години ќе ја свирам тука вечерва. Се може да се постигне, но е потребна напорна работа, која јас ја вложив години наназад“.

По 5 минутен громогласен аплауз и скандирање, канатската ѕвезда се врати на бис и отсвири уште неколку нумери, а вечерта ја заврши на маестрален начин со „Let’s make a night to remember“, додавајќи дека навистина направивме ноќ која долго ќе ја паметиме.

Брајан Адам дојде во Скопје со тим од сопствена продукција, која вклучува десет камиони опрема (звук, светло и видео), а Авалон продукција се потрудија се да помине во најдобар ред и Македонците да можат да уживаат во истиот спектакл како и граѓаните насекаде во светот. Со овој маестрален концерт, Авалон ја заокружи успешната концертна сезона и докажаа зошто се најдобри во регионов, сега останува да видиме што ни подготвуваат за наредната година.

(Наталија Јосифоска)