Од 18 часот денес забранет влез за приватни возила на Клиника

ИЗВОРСкопје24
|

Од денес попладне од 18 часот до утре до 18 часот ќе биде забранет влезот во комплексот Клинички центар „Мајка Тереза“, освен за возилата на Итна помош, информира државниот секретар на министерството за здравство, Владимир Милошевски. Поради утрешната посета на папата, надлежните власти апелираат граѓаните да се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември” (Воена болница), за сите здравствени потреби, како и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, поранешна Градска болница за сите потреби поврзани со дигестивна хирургија, трауматологија, ортопедски болести, реанимација и интензивно лекување, урологија и неврохирургија.

„Утре сите граѓани навреме ќе добијат здравствени услуги и интервенции. Апелираме сите кои ќе имаат потреба да се упатат во Градската општа болница „8 Септември” и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Овие здравствени установи ќе бидат со полн капацитет и полна мобилност тој ден, со цел да одговорат на потребите на граѓаните“, рече Милошевски.

Клиничкиот центар, сепак, нема да биде целосно затворен, пациентите ќе бидат примени. Гинекологија ќе биде достапна, а единствениот влез и пристап до Клиниката за детски болести ќе биде од страната на хотелот „Тасино чешмиче“.

Сите прегледи преку „Мој термин“ се откажани, потврди Милошевски и најави дека од 8 мај граѓаните ќе можат повторно да ги презакажат планираните термини за преглед.

МВР повикува на трпение – седум булевари ќе бидат затворени за посетата на папата

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски на денешната прес конференција за сервисни и безбедносни информации по повод посетата на папата Франциск изјави дека полицијата е целосно подготвена и способна да организира големи настани како посетата на Папата и дека утрешниот ден ќе помине во најдобар ред. Од МВР повикаа граѓаните да имаат трпение со оглед на тоа дека улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени за сообраќај како и да се почитуваат наредбите на полициските службеници.

„Во појасот голем ринг во текот на утрешниот ден од 6 до 19 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и истиот ќе биде пренасочен на други улици. Рестриктивна зона каде нема да биде дозволено движење со автомобили почнува од улицата „11 октомври“ од раскрсницата со улицата „Кочо Рацин“ до раскрсницата со улицата „Димитрије Чуповски“, забрана за возила исто така ќе има и на улиците „Даме Груев“, „Македонија“, „Васил Главинов“, „Св Климент Охридски“ и „Илко војвода“. Булеварот „Мајка Тереза“ кај клиничкиот центар исто така ќе биде забранет за возила од 8 и 15 до 10 и 15 и во попладневните часови. Сообраќајот ќе се одвива по споредни улици“, информираше Ангеловски.

Непречено движење на сообраќајот ќе има на улиците „Кочо Рацин“, „11 октомври“ до „Борис Трајковски“, „Св Кирил и Методиј“, булеварот „Партизански одреди“, улица „Самоилова“ и ул.„Гоце Делчев“.

„Доколку граѓаните кои живеат во делот на голем ринг и сакаат да ги користат своите возила во текот на утрешниот ден, денеска ќе мора да ги извадат возилата од рестрикивната зона. Сите паркинзи ќе бидат бесплатни од денес од 16 до утре преку целиот ден. Апелираме сите граѓани да користат јавен превоз“, вели Ангеловски.

Од 7 30 до 9 часот ќе биде затворен за сообраќај во двете ленти и патот од Меѓународниот аеродром Скопје до влезот на градот додека пак сообраќајот на автопатот Велес-Скопје ќе се одвива преку Миладиновци Идризово.

„Сите кои утре имаат лет од скопскиот аеродром да тргнат порано бидејќи сообраќајот по алтернативите патишта ќе трае подолго , апелираме да се користи железничкиот превоз кој ќе биде бесплатен“, вели Ангеловски.

Движењето во мал ринг ќе биде непречено освен во рестриктивните зони каде ќе се влегува со карти. Во обезбедената зона ќе се влегува преку 8 влеза од односно преку Управен суд на улица „Орце Николов“, хотел „Мериот“ на улица „Максим Горки“, кај кафе „Тренд“, улица „Димитрије Чуповски“, улица „Даме Груев“ кај министерство за финансии и порта Македонија.

Мостот на уметноста и камениот мост ќе бидат затворени.

Следењето на литургијата не е дозволена од прозор или балкон на зградите во центарот.