Од денеска маска мора да се носи секаде, исклучок ќе бидат само овие лица

ИЗВОРСкопје24
|

Синоќа се донесе одлуката за носење на заштитна маска и на отворено. Оваа мерка ќе важи за движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично.

Мерката нема да важи при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита, при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лица со кои заедно живее, при престојување во двор на семејна куќа или во угостителски објект со почитување на протоколите за заштита. Мерките за носење на маска не важат за лица помлади од шест годишна возраст и за лица со посебни потреби и пречки во развој.

За неносење на маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра.
Министерството за здравство апелира до сите граѓани да се почитуваат мерките за заштита од болеста. Носењето на заштита маска, одржувањето на физичка дистанца и миењето на раце се единствените мерки кои можат да го спречат ширењето на заразата. Да бидеме одговорни и совесни, да го зачуваме нашето здравје, но и здравјето на нашите најблиски.

Законот ja регулира и самоизолацијата, односно таа е задолжителна при тестирање за новата болест од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот и продолжува доколку резултатот е позитивен. За прекршителите на членот од Законот кој ја регулира самоизолација предвидена е казна од 50 евра, а тие што ќе се групираат на отворено ќе платат казна од 500 евра – соопшти Собранието.

Законот предвидува и забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или која било површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието. Мерките траат додека постои опасност од ширење на епидемијата. На предлог на Министерството за здравство, Владата одлучува кои од мерките ќе се применат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период.

Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од новата болест. Освен лекување во јавните здравствени установи, по медицински индикации болните можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови. За да лекуваат пациенти, приватните здравствени установи треба да имаат согласност од Министерството за здравство и дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Доколку во државните установи се исполнети капацитетите за лекување на болни, по претходно дадена согласност од Министерството за здравство лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.