Од денеска од 18 часот: Двојно поскапува паркингот во Скопје, јавниот превоз бесплатен

ИЗВОРскопје24
|

Согласно со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, на барање на Владата и Министерството за здравство, Градот Скопје објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот, кои ќе стапат во сила денеска од 18 часот.

Во сила стапуваат следните мерки и препораки:

Град Скопје од денеска (27 јануари 2020 година) од 18 часот воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена.

Град Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност. Ги повикувам сите градоначалници од општините во град Скопје, да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

Цената на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг од овој момент двојно се зголемува и тоа важи се до укинувањето на итните мерки.

Го задолжуваме ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.

Бараме од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот, стои во соопштението од Град Скопје.