ОДЛИЧНА ВЕСТ: Вардар го враќа Борко Ристовски

ИЗВОРСкопје24
|

Долгогодишниот прв голман на македонската репрезентација, Борко Ристовски, би требало да биде едно од засилувањата што ќе пристигнат во Вардар до крајот на оваа натпреварувачка сезона. „Вардарци“ веќе најавија нови имиња што би им помогнале успешно да ја довршат сезоната, а прв на нивната листа се наоѓа токму Ристовски, за кого овој трансфер би претставувал враќање назад во „црвено-црното семејство“, објавува Екипа.мк.

Борко Ристовски успешно ги брани боите на Бенфика, клуб со кој има договор до јуни 2021 година. „Вардарци“ веќе испратиле и официјална понуда до македонскиот голман, па сега се вршат напори да се најде заеднички јазик, за португалскиот гигант да даде зелено светло за Ристовски што поскоро да му се приклучи на актуелниот европски шампион. Токму тоа е причината поради која тој не бранеше на последните неколку натпревари, во исчекување на камбек во таборот на „вардарци“.

Враќањето на Ристовски ќе биде уште еден предзнак дека целосна контрола во клубот ќе преземе Михајло Михајловски. Тие двајца имаа беспрекорна соработка во периодот од 2010 до 2012 година, кога Ристовски го бранеше голот на „вардарци“, по што имаше низа успешни интернационални предизвици, бранејќи ги боите на Гумерсбах, Ал Ахли, Кретеј, Рајн-Некар Левен, Барселона и Бенфика.

Покрај Ристовски, „вардарци“ веќе го контактираа и новопечениот македонски репрезентативец Марко Мишевски, од кого се откажаа пред помалку од една година, а сега сакаат да го вратат во црвено-црниот табор. Тој моментно настапува во францускиот нисколигаш Гренобл.