Огромни колони возила се упатуваат кон Охрид: Еве каде има најголем застој

ИЗВОРСкопје24
|

Колони возила од утрово се упатуваат кон Охрид, а поради гужвите се движат споро, додека, сообраќајот на моменти е и целосно закочен.

Колапсот на градот започна од вчеравечер, кога сликата беше слична на денешнава. Туристи доаѓаат од сите градови, а најчести, според регистарските таблици се гостите од Скопје. Со оглед на бројот на возила кои пристигнуваат, а во недостиг на паркинг простор, автомобилите се оставаат и по улиците.

Гужви има и во Охрид, на потегот од Билјанини извори кон Пештани. Возилата стојат во место на потегот пред Градиште. Сите плажи, но и капацитети во Охрид се полнат.

Претходно, Сашо Точков, директорот на Центарот за јавно здравје-Охрид објасни дека доколку ваквата состојба продолжи, тогаш бројката на новозаразени ќе се зголемува не само во охридско-струшкиот регион, туку во целата држава. Според него, охриѓани седат дома и се штитат додека гостите се забавуваат без да ги почитуваат мерките.

Министерството за внатрешни работи најави дека за време на продолжениот викенд ќе врши засилени контроли со цел зачувување на стабилната безбедносна и здравствена состојба. Од Министерството за здравство апелираа да се почитуваат протоколите за плажите и базените.

Од деновите кои изминаа може да се види дека туристите во македонскиот бисер по се изгледа имаат ниско ниво на свест кога е во прашање фрлањето отпадоци и грижата за природната околина и екологијата.

По социјалните мрежи кружат фотографии од кои се гледа дека Охрид е валкан, а смет има на сите страни, смет кој туристите го оставаат насекаде наместо тоа да биде исклучиво во кантите за смет.