Верниците задоволни, Општина Карпош ќе врши обнова на еден од најпознатите манастири

|

Општина Карпош на 41. седница (29 Јули) на Советот ја изгласа предлог одлуката за конзерваторски и реставраторски работи на манастирот ,,Св.Пантелејмон” кој датира од 12-тиот век и е еден од културно-историските обележја не само на општина Карпош, туку и на градот Скопје.

Еве зошто овој манастир е толку важен за верниците:
„Св. Пантелејмон“ — манастирска црква во истоимениот манастир во с. Горно Нерези, на планината Водно, се наоѓа на осум километри југозападно од Скопје. Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата изградена во македонски стил и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, коешто по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини.

Црквата била подигната од византискиот принц Алексеј Ангел син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот цар Алексеј I Комнин (1081 – 1118). За подигањето на црквата во 1164 година сведочи натписот на мермерниот надвратник помеѓу нартексот и наосот на црквата, а чија содржината вели: „Се разубави овој храм на светиот и славен Великомаченик Пантелејмон со средства на господинот Алексеј Комнин, син на перфирородна госпоѓа Теодора во месец септември индикт 13 година 6673 (=1164), при игуменството на Јоаникиј монах“

За градење на црквата бил употребен обичен кршен камен, изваден во околината на манастирот и тули, кои со големо мајсторство се претворени во полихромни површини што го нагласува впечатокот како објектот да израснал од една монолитна карпа.

Живописот во нерешката црква, е дело на повеќе раце, пред сè на рацете на двајцата главни мајстори. Главниот мајстор е повиканиот мајстор кој дошол од Цариград. Неговата рака го извела живописот на најодговорните и најосветлените делови во црквата. Врвно дело на главниот зограв се композициите Оплакување Христово и Симнување од крст.

Композицијата „Оплакување Христово“ е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и после живописувањето на нерешката црква. Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија и дека всушност ги има сите потребни елементи што ја карактеризираат и Џотовата Св. Богородица, која е претставена како млада силна жена со малку натажено лице. Ова значи дека преобразбата во ликовниот израз својствена за него и раноренесансните дејци во Италија е всушност започната во Македонија, 150 години претходно.