Овогодинешните резултати од матура подобри од лани – средната оценка е 3,78 за разлика од лани 3,61

|

Резултатите од државната матура се готови, што е за 12 дена порано од законскиот рок, информираат во Државниот испитен центар (ДИЦ). Резултатите се испратени до сите училиштата на републиката, а секој кандидат може и електронски да провери што добил на тестот со клик на следниот линк.

„Државната матура оваа година се реализираше во согласност со договорот со средношколците, односно два екстерни, два интерни предмети и проектна задача и скратени испитни програми. Средната оценка на екстерните испити од прелиминарните резултати е 3,78 и е повисока во однос на минатата година кога изнесуваше 3,61“, се наведува во соопштението на Државниот испитен центар.

Периодот на приговори, заклучно со 5 јули кој е краен рок за поднесување во училиштата. Резултатите од приговорите, ДИЦ ќе ги објави на 11 јули 2022 година.

„Учениците ќе може да направат увид во тестовите лично на 13 јули во просториите на ДИЦ, по претходна најава и закажување термин телефонски на 12 јули. За сите дополнителни информации матурантите може да се информираат од училишните матурски комисии во своите училишта и на matura.gov.mk“, додаваат во испитниот центар.