Овој викенд по 22 пат во Крушево и Скопје, „Еврофест 2018”: И со сеќавањата на Тоше!

loading...

Овој петок и сабота повторно, и оваа есен, Македонија ќе другарува со познатиот Интернационален забавно-музички фестивал “Еврофест”. По 22-ри пат ќе се леат хитовите, стари и нови. Првата вечер ќе се одржи во Крушево во чест на името и делото на легендарниот Тоше Проески. Таму, на сцената во неговото Крушево, многу пејачи од дома и странство (Дона Александрова, Витали Органџи, Натали Дениз, Бенџамин Хасиќ….) ќе испеат песни од неговиот богат музички репертоар. За оние кои не знаат или не памтат, да ги потсетиме дека Тоше една година настапувал на сцената на овој фестивал, а тогаш ја испеа и денес многу слушаната хитовската “Сонце во твоите руси коси”.

Наредниот ден, во сабота навечер, фестивалот се сели во нашата метропола, па така на сцената во Скопје во Домот на АРМ, ќе имаме задоволство да се дружиме со сосема нови песни, потенцијални хитови. Тие песни ќе ни ги пеат врвните пејачи: Ѓоко Ѓорчев, Маргица Антевска, Серафина Фантаузо, Добрила Чабриќ-Ивановска….па, сите тие кои ја сакаат еврофестовската песна, нека повелат и во Крушево и во Скопје, бидејќи овој фестивал роди многу хитови. Меѓу нив и оној големиот “Многу солзи” кој премиерно пред неколку години на фестивалската сцена го испеа популарната Маја Оџаклиевска.