Oживeaja „Звуците на Скопје”!

loading...

Капките на дождот што удираат во прозорците на ЈСП, лаежот на кучињата пред Вили, Нирвана од вториот кат на зградата спроти „ Песталоци“, тркалата на скејтот што јури дури грицкам семки на кеј… Одам низ Скопје и ги слушам неговите звуци. Како откачена џез нумера, овие звуци се прекршуваат, изненадуваат, се засилуваат и исчезнуваат, вечно испреплетувајќи се во чудно-хармонична композиција која не си сигурен дали ти се допаѓа, но не можеш да престанеш да ја слушаш.

Скопје и џезот… Џезот и Скопје… долгата љубовна приказна која ни денес не завршила, почната во кикотот на девојките кои трчаат на игранка со Шпато, здивена во пукотот на жиците на гитарата на Тони, опиена во крцкањето на подот во куќата во Козле кај што едни убави млади луѓе летаа како пекинезери…

Како ќе ги опишеш „ Звуците на Скопје ”?

Замижи. Прими ја во себе целата врева, дозволи ѝ да биде толку гласна што повеќе не можеш да издржиш. А потоа, слушај. Од целата врева почнуваат да се издвојуваат звуците што толку долго ги познаваш, а си престанал да ги бараш. Ама тука се. Заедно, овие звуци го создаваат единствениот звук на Скопје. Истовремено груб и нежен, овој звук те збунува и те заплеткува подлабоко во сопствениот вител на емоции.

Затоа и Скопје толку го сака џезот. А и џезот го сака Скопје. Затоа и секогаш ќе го споредувам Скопје со него. Зашто ниедна друга музика не побудува толку спротивставени чувства, толку љубов и толку револт собрани на едно место, токму како и градов од кој секоја година бегам и некако меланхолично му се враќам…

Ми мириса на дожд, ми мириса на џез. Одам на Џез фестивалот додека во главата компонирам музика од звуците на градот низ кој чекорам, и си потпевнувам додека ги посматрам старите тивки посетители измешани и збунети со новите гласни, убави и самоуверени генерации. Никој веќе не припаѓа тука потполно, а сепак, сите припаѓаме подеднакво. Како џезот, како градот наш, како ние самите што вечно трагаме по себе и одново и одново се реинкарнираме во нови форми на постоење, на емоција, на звук „Звуците на Скопје”.

Овој Џез фестивал, со реализација на идеjата на Македонски Телеком, звуците на Скопје ќе ги собереме во една уникатна композиција. Звукот на твојот град во песна, звучи магично! Секогаш иновативен, Македонски Телеком за посетителите на овогодишниот Џез фестивал подготви волшебно музичко патување кое ќе ги допре сите оние кои барем еднаш го почувствувале Скопје за свој град.  Аудио записи од „Звуците на Скопје” може да се симнат на следниов линк- https://soundcloud.com/user-509913340

Од 18-21 октомври, вљубениците во џезот ќе уживаат во звуците на Скопје!