Повеќе декларативни, отколку реални се заложбите на власта за подобрување на состојбите во институциите каде се сместени лица лишени од слобода или задржани од други причини. Ова е констатирано во извештајот за 2022 година за состојбите во Македонија, во врска со тортура и други форми на несоодветно постапување што го направи тимот на Националниот превентивен механизам, кажа Народниот правобранител.
При посета на психијатриската болница во Демир Хисар, утврдено е дека објектот не е одржуван соодветно, дека хигиената е лоша, а добиени се наводи за врзување на пациентите кога се вознемирени.
ПРИ ПОСЕТАТА НА ЕДНА ОД РАБОТНИТЕ ПРОСТОРИИ НА ПЕРСОНАЛОТ БЕА ПРОНАЈДЕНИ КОЖЕНИ РЕМЕНИ ЗА ФИКСАЦИЈА , ЗА КОИ ШТО НИ БЕШЕ ИСТАКНАТО ДЕКА НЕ СЕ КОРИСТАТ. БЕА ПРОНАЈДЕНИ И МЕТАЛНИ СИНЏИРИ СО КАТАНЧЕ ЗА ЗАКЛУЧУВАЊЕ НА ПРОСТОРИИТЕ . ВО ДРУГА ПАК ПРОСТОРИЈА, БЕШЕ ЗАБЕЛЕЖАН ЦВРСТ КАБЕЛ ВО ДОЛЖИНА ОД ЕДЕН МЕТАР, ЗА КОЈ ВРАБОТЕНИТЕ НЕМАА ОДГОВОР ЗОШТО Е ТАМУ И КОЈА МУ Е НАМЕНАТА, РЕЧЕ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕ НАСЕР ЗИБЕРИ.
Заради можност овие средства да се користат за заплашување или малтретирање на пацинетите , Омбудсманот забранува чување и користење синџири во болницата. Во извештајот е нотирано нередовно примање терапија и чести конфликти меѓу пациентите во психијатриската болница „ Бардовци“ – Скопје. Караниците продолжувале со тепачки, а ситуацијата особено е алармантна во попладневните часови кога работат еден медицински техничар и еден болничар. И овдека и во болницата во Демир Хисар има недостаток на персонал, кажа Зибери. Прекубројноста на затворениците , лошите услови за сместување и несоодветната здравствена заштита, се проблемите со кои сè уште се соочуваат затворите во Македонија. Наводите од извештајот за затворот „ Идризово“, каде условите се далеку од европските правила, Омбудсманот ги поткрепи и со фотографии.
НА ДЕНОТ НА ПОСЕТАТА НА ТРЕТОТО КРИЛО, УТВРДЕНО Е ДЕКА ВО ЕДНА ПРОСТОРИЈА КОЈА ШТО Е СО ПОВРШИНА ОД 14, 28 МЕТРИ КВАДРАТНИ СЕ СМЕСТЕНИ 15 ОСУДЕНИ ЛИЦА. ЗАМИСЛЕТЕ , НИТУ ЕДЕН ЦЕЛ КВАДРАТ ЗА ЕДЕН ЗАТВОРЕНИК. ВО ТИЕ 14 КВАДРАТИ , 6 ОСУДЕНИ ЛИЦА СПИЈАТ НА ДУШЕЦИ НА ПОД, А ОСТАНАТИТЕ НА КРЕВЕТИ НА ЧЕТИРИ СПРАТА, РЕЧЕ ПРАВОБРАНИТЕЛОТ ЗИБЕРИ.
Одредени поволности во „ Идризово“ се решаваат со мито и корупција, а недостасува и кадар кој отсуствува и во затворот во Битола. Во воспитно – поправниот дом во Тетово, раководството се пожалило дека нема функционална соработка со Центарот за социјални работи, дека не доаѓаат обвинители, адвокати и судии за децата, но и дека нема редовна настава за нив.Од посетените полициски станици во Тетово, Битола и Скопје, најлоши услови за работа има во станицата во скопски Чаир. А, лишените од слобода граѓани, во полициските станици немаат вистински можности да повикаат адвокат од листата дежурни, чии трошоци ги покрива државата.
Народниот правобранител е незадоволен и од игнорантскиот однос на власта кон тимот на Националниот превентивен механизам поради континуирано кратење на буџетот, што го става под знак прашање квалитетот и ефикасноста на неговата работа.