Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со Центарот за европски студии Вилфред Мартенс, денес во Скопје, одржа панел дискусија на тема „Поттикнување на женското лидерство и женското учество во политиката и демократијата“ на која учество земаа жени лидерки од нашата земја, како и жени лидерки од Германија и Европа.
Настанот имаше за цел да ја поттикне дискусијата за тоа какви се правата на жените во Северна Македонија како и во Европа, но и како овие пишани права од хартија се применуваат во општеството, политиката и секојдневниот живот.
Во воведното обраќање, Даниел Браун, официјалниот претставник на фондација Конрад Аденауер истакна: „Важно е да жените како и сите останати граѓани бидат застапени во политиката како и во сите општествени сфери на раководни позиции, не само поради рамноправната застапеност, туку и поради поинаквите перспективи и погледи кои би ги дале на тие водечки позиции. Во Германија има многу повеќе жени на високи позиции, а како пример ја земаме канцеларката Меркел, но тоа не е репрезентативно за целото општество, на оваа тема треба многу да се стори. Во Европа и Балканот ситуацијата е слична“, истакна тој.
„Мора да постои еднаква застапеност, до сега гледаме дека застапеноста на жените во политиката е помала, бидејќи тие не се осмелуваат да влезат, а тоа е важно за да имаме едно здраво демократско општество. Политичките партии треба да ги охрабруваат жените да бидат на такви високи функции, а особено младите би биле заинтересирани за такво нешто„ додаде Елефтерија Каци од Центарот за европски студии Вилфред Мартенс.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн истакна дека во Германија нештата се слични како и тука иако тие 14 години ја имаа канцеларката Меркел која многу ги помести работите кога се во прашање правата на жените и нивната еднаквост во политиката. Таа во својата работа честопати се среќавала со мислење дека нема да може да ја извршува својата функција само затоа што е жена, но тоа ја мотивирало да работи повеќе и да го докаже спротивното.
„Во многу држави до сега немаше јасен пораст на жени на политички позиции. Зошто е тоа така? Има закон на Европско ниво на хартија, но законот и реалноста не се идентични. Жените мораат да се поттикнуваат зошто со векови имало поинаква традиција, во политиката има жени, но тие мора многу да се борат за да дојдат до таму. Во 21 век мора законите и реалноста да се изедначат“, потенцираше Марион Валсман, пратеничка во Европскиот Парламент.
Таа истакна дека се потребни нови форми на соработка, создавање на вмрежувања што досега биле повеќе машки. Треба да постои соработка и надвор од политичките партии за да општеството напредува.
Професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова истакна колку е важна поддршката на самите жени и нивната солидарност за сопствен успех и успех на општеството како и подобрувањето на правата на жените.
„Ние имаме право на сопствен политички простор и треба да се атакува на највисоки функции, не само машката, туку и женската солидарност е битна. Инфантилно е да се каже дека мажот е добар политичар, а ние жените да мораме да се докажуваме. Проблемот не е само овде туку е европски. Според мене клучната борба е во политиката. Многу често институциите се суспендирани од моќни поединци“ изјави Силјановска Давкова.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска истакна дека жените можат да водат, за да имаме поголем раст и развој на општеството. Според неа жените имаат поголема емотивна интелигенција од мажите, имаат поголем еволуциски процес затоа што поминуваат низ повеќе фази во животот. Истакнувајќи дека жените кај нас имаат права, но не и можности.
„Во Град Скопје имаме и заменик градоначалник жена која би можела да ме замени. Затоа сметам дека треба да си даваме поддршка една на друга“, додаде Арсовска.
„Во Македонија има 43 пратенички со тоа можеме да се пофалиме дека сме водечка држава во Европа по застапеност на жени, но истото не можеме да го кажеме и за жени градоначалнички кои се 2. Анализите велат дека ако има повеќе жени ќе се промени перцепцијата која носи поголеми придобивки во општеството и поголема демократска и социјална слобода. Со мажите мораме да бидеме партнери, а не противници”, истакна пратеничката Жаклина Пешевска.
„Во Македонија постои сексизам кога се напаѓаат жени во политиката. Доколку се напаѓа маж се коментира неговата работа, но доколку се напаѓа жена се напаѓа нејзината личност. Нема солидарност помеѓу партиите затоа што доколку се напаѓа жена од опозицијата, жените од позиција молчат и не ја бранат. Мораме да работиме на едукација на децата од мали за еднаквост“, изјави пратеничката Моника Зајкова.
Како истражувач при Институтот за демократија, Влора Речица, нагласи дека треба да се променат правилата на игра затоа што мажите ги имаат поставено, а тие се однесуваат само на нив и на жените им е малку потешко да ги следат. Без да ги смениме овие правила на игра нема да имаме напредок во општеството, констатираше таа.
Како заклучок од панел дискусијата произлезе дека потребата од квоти не само во политичкиот свет и во изборите туку во секој дел од општеството е неминовна, а неуморно треба да се работи на сузбивањето на родово базираното насилство и промоцијата на женската солидарност. Главен акцент треба да се стави на политичките партии кои се клучни, каде треба да се променат правилата на игра, односно да има родово сензибилизирање и на тој начин би се постигнало поголема вклученост на жените во политиката со што би се постигнале поголеми придобивки во целото општеството.