Паркинг-зоните променети, граѓаните збунети

ИЗВОРСкопје24
|

Промената на зоните и на цените за наплаќање на паркинг-услуги во централното градско подрачје ги збуни граѓаните. Пред околу четири месеци градот Скопје најави дека ќе направи одредени промени што се однесуваат на паркиралиштата на јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“. Измените се однесуваа на зонската поделба на јавните паркиралишта, временското ограничување за користење на паркиралиштата, начинот на наплата на паркирањето и начинот нa користење на повластениот паркинг-билет. Оваа одлука почна да се спроведува, но некои од граѓаните поради неинформираност или поради сопствено невнимание не можат да се снајдат и често се доведуваат во непријатни ситуации.

– Го паркирав автомобилот уредно и си платив уредно, како и секогаш. Кога дојдов да го земам видов дека имам казна и се револтирав. Подоцна дознав дека пораката што сум ја пратил за зоната не е наменета за таа во која се наоѓаше мојот автомобил. А таблата јасно укажува друга зона, но јас по навика си ја внесов таа што ја знам од претходно. Не знаев дека се сменети зоните за паркирање во одредени делови од централното подрачје. Си платив за паркинг, но си платив и казна, поради неинформираност – вели анонимен граѓанин.

За оние што не знаат, промените на зоните се однесуваат на трите најфреквентни јавни паркиралишта – Дебар Маало, Буњаковец и Капиштец. Секторот Дебар Маало од зона 1 премина во зона 01, а секторите Буњаковец и Капиштец од зона 2 преминаа во зона 1. Според известувањето од општината Центар, со овие промени ќе се подобри организацијата на паркиралиштата и ќе се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето на територија на општината.

– Планот на ПОЦ беше обновување на старите и поставување нови табли. Целта беше значително да им се олесни на граѓаните што ги користат паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието и да им се овозможи попрегледно и пофункционално паркирање во општината Центар – беше наведено во нивното соопштение.

Од јавното претпријатие ПОЦ велат дека процесот на замена на старите табли и поставување на новите е завршен. Заменети се 99 информативни табли, а поставени се 88 нови табли. Новите табли се двојазични, на македонски и англиски јазик. Но граѓаните не се збунети во врска со тоа дали се тие на англиски или македонски, бидејќи тврдат дека има и случаи кога се јавува проблем во системот за пријавување на „Паркинзи на општина Центар“.

– Пуштив порака за зоната во која се наоѓам во Дебар Маало. По завршување на времето за паркинг, кога требаше да си одам, забележав дека ми имаат пишано казна. Знам дека е сменета зоната и затоа внимавав да не внесам погрешна зона. Но, и покрај тоа, гледам добив казна. Се јавив во ПОЦ и чекав на три наврати за да зборувам со некој за да ја објаснам ситуацијата. Кога конечно добив контакт, оттаму ми кажаа дека се работи за системска грешка и дека треба да си ја чувам пораката за наплата како доказ дека сум платил за паркингот. Мислам дека во ваква ситуација може да ми дојде извршител дома и јас ќе морам да му докажам со порака дека сум платил за паркингот. Малку глупаво, нели – вели анонимен граѓанин.

Ваквите случаи, секако, ги иритираат граѓаните, а какви било системски грешки треба да се истестирани и елиминирани уште пред да почне каква било промена.