Патниците на аеродромот „Истанбул“ може да изнајмат кабини за спиење

ИЗВОРскопје24
|

Патниците кои ги чекаат летовите, отсега може да одморат и да изнајмат кабина за спиење на аеродромот „Истанбул“.

На аеродромот „Истанбул“ во Турција започна да се спроведува услугата за изнајмување кабина за спиење, што ја има во многу аеродроми во странство, јавува Агенција Анадолија (АА).

Аеродромот „Истанбул“ на 6 април 2019 година почна да работи со полн капацитет. Компанијата ИГА, која стопанисува со аеродромот, за да ја зголеми удобноста на патниците во меѓународниот терминал ја започна услугата наречена „İGA Sleepod“.

Патниците ќе можат да ги изнајмуваат кабините за спиење за 9 евра на час. Поради хигиенски причини, за патниците ќе бидат обезбедени чаршафи за еднократна употреба. Доколку патниците сакаат дополнителни услуги, како што се ќебиња и перница, ќе треба да доплатат уште 2 евра.

Во внатрешноста на мини кабините има место за УСБ и штекер. На тој начин патниците ќе можат да ги користат електронските уреди и да ги полнат телефоните.

На дното на кабината за спиење има специјален простор каде што патникот може да го стави својот рачен багаж.