Пехчевски со нова моќна порака овој пат до СЗО: Кој во оваа држава се осмелува да одлучува кој ќе живее, а кој не?

|

Игор Пехчевски е еден од пациентите со цистична фиброза во земјава и веќе и е добро познат на јавноста поради својата борба и одлучност сите пациенти со оваа дијагноза да го добијат лекот Трикафта.

Тој беше првиот кој во земјава информираше за лекот и неговите одлични резултати во борбата со болеста, кој од болничкиот кревет преку натпис го бараше лекот за него и неговите соборци. Сепак лекот се уште го нема за сите.

Овој пат, тој преку нова порака се обрати кон Светската Здравствена Организации, европските организации за заштита на човечките права, Европскиот парламент и Американската амбасада во земјава.

„Кој во оваа држава се осмелува да одлучи кој да живее, а кој не. Бараме „Трикафта“ (Кафтрио) ВЕДНАШ И СЕГА, еднакво за секого“ – пишува на натписот.

“Не можеме повеќе да живееме со ова, во 21 век се молиме да им биде достапен лек на СИТЕ пациенти кои страдаат од ретката болест Цистична фиброза, од која зависи нашиот живот. Придружете ни се во нашата борба и да ни го дадете здивот кој го заслужуваме, т.е. лекот ТРИКАФТА (КАФТРИО) кој за нас значи ЖИВОТ. Она што го бараме е еднаков, недискриминаторски третман. Право на ЛЕК и право на ЖИВОТ“, напиша тој на објаваѕа на Фејсбук, под објавената фотографија.