По обвинувањата и заканите: „Ругање на Христос“ со македонска премиера на “КинеНова”

loading...

Од “КинеНова” посочуваат дека „Ругање со Христос“ кој ќе биде прикажан на отварањето на фестивалот на 3 октомври, бил селектиран пред реакцијата од Министерството за култура. “Нема нешто од што некој може да биде навреден или да се плаши”, посочи Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот “КинеНова”. Тој истакна и дека очекува да спласне тензијата по македонската премиера на филмот, за која, како што рече, ќе го поканат и министерот за култура

Со „Ругање на Христос“ дебитантскиот игран филм на Јани Бојаџи, кој крена прашина во Македонија поради обвинувањата на Министерството за култура дека е скандалозен и контроверзен, а со својата содржина “наштетува на соживотот во Македонија и тенденциозно си игра со историјата”, на 3 октомври ќе биде отворен 3. Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“, кој под мотото „Првиот никогаш не се заборава“ ќе се одржува до 12 октомври.

Ова ќе биде македонска премиера на филмот на Бојаџи, по светската премиера во Монтреал и наградата за иновативност, а се прикажува во рамките на главната селекција од осум филмови кои ќе се борат за престижната фестивалска награда за најдобро дебитантско остварување, селекција која нуди лепеза од филмови од различни светски кинематографии.

Од КинеНова посочуваат дека „Ругање со Христос“ бил избран зашто го исполнува критериумот да е дебитантски и поради заложбата на „Киненова“ да има и македонски дебитантски филм во програмата. Бил селектиран пред реакцијата од Министерството за култура. Филмот е селектиран и за Торонто, во Македонија не бил прикажан досега, а достапен е само трејлерот.

“Воопшто не го знаевме ниту го предвидовме тој општествен контекст околу филмот. Се водевме според принципите на квалитетот на филмот и дали заслужува да биде во натпреварувачката селекција. Сметавме дека заслужува и дека е необичен и храбар авторски филм во смисла на филмска нарација. Темата што ја обработува е регионална, од балканскиот контекст, и воопшто не е фокусиран на она што можеби тејлерот го претставува. Нема нешто од што некој може да биде навреден или да се плаши. Секако, би ја поминал нашата цензура на фестивалот доколку сметавме дека има нешто проблематично во содржината”, посочи Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот “КинеНова”.

Тој истакна и дека очекува да спласне тензијата по македонската премиера на филмот, за која, ќе го поканат и министерот за култура.
Осумте филмови ќе се борат и за наградите за најдобар режисер, најдобро сценарио и за специјална награда од меѓународното жири, а покрај него во официјалната селекција се уште пет филма од Европа, еден од Иран и еден од Перу.

Филмови во главна селекција

Главен програмски стожер на фестивалот “КинеНова” се наградувани филмови од европската кинематографија, меѓу кои се наоѓа еден вистински репрезент на новото, почитувано на овие простори, руско кино -”Блискост” на Кантемир Балагов, потоа тука ремек -делото снимено со натуршчици од надоаѓачката унгарска кинематографија – ”Цветна долина” од Ласло Чуја, како и “Гутланд” филм на Говинда ван Меле од луксембуршкото филмско милје. Од бугарската кинематографија ќе биде прикажан спектаклот “Ага” на Милко Лазаров.

Достоен репрезент,пак, на турската кинематографија е “Крадци на гулаби”, а боите на азиската кинематографија ќе ги брани иранската кинематографија со филмот “Без наслов, без потпис” на Вахид Џалилванд. Одличниот “Ретабло” на Алваро Делгадо Апарисио е достоен репрезент на возбудливата јужноамериканска кинематографија.