Почитувајте ги вашите родители и имајте трпение: Емотивно писмо на родител кое испраќа моќна порака и ќе ве расплаче

ИЗВОРСкопје24
|

Родителите се оние кои во животот не научија на се, ни го подарија животот, ни подадоа рака кога ни требаше помош, рамо за плачење кога бевме тажни и ни ја остварија секоја наша желба која ја посакавме.

Тажно е кога ги гледаме дека тие стареат и не можеме никако да го сопреме тој процес, а со него и да им ја вратиме силата, моќта и желбата за живот, сепак мораме постојано да сме до нив и да им помагаме исто како што тие го правеа тоа за нас кога бевме деца.

Оваа приказна е за сите вас кои имате родители, за вас кои сте родители… Внимателно прочитајте го ова писмо и размислете за буквално секоја реченица од истото. Ако не денес, еден ден ќе ја сфатите неговата порака.

Драг/а сине, ќерко,

Сега сѐ уште не сум стар/а, но кога ќе ме видиш таков/ва, биди трпелив/а со мене и обиди се да ме разбереш. Ако се извалкам за време на ручекот и ако не можам сам/а да се облечам, биди трпелив/а. Сети се на времето што го потрошив додека тебе те учев на тоа.

И ако во разговор повторувам исти работи, немој да ме прекинуваш. Сослушај ме! Кога беше мал/а, морав да ти читам една иста приказна сѐ додека не потонеше во сон.

Ако не сакам да се бањам, не ме исмевај и не ме навредувај. Сети се како морав да те бркам и да смислувам илјада причини за да те убедам да влезеш во када.

Кога ќе го забележиш моето непознавање на новите технологии, дај ми време и немој да ме гледаш со потсмев. Јас тебе те научив многу работи: правилно да јадеш, правилно да се облекуваш, да се соочуваш со животот.

Ако некогаш во разговор ја заборавам или ја изгубам смислата на разговорот, дај ми малку време да се присетам, и ако тоа не ми оди од рака, немој да се вознемируваш. Не ми е најважната работа на светот нашиот разговор, туку тоа што сум со тебе и тоа што сакаш да ме сослушаш.

Ако не сакам да јадам, немој да ме присилуваш. Самиот/ата најдобро знам кога ми треба храна, а кога не. Кога моите изморени нозе веќе нема да ми овозможуваат да одам, пружи ми рака исто како што јас ти пружав тебе кога ги правеше првите чекори. И ако еден ден кажам дека веќе не сакам да живеам, дека сакам да умрам, немој да ми се лутиш. Еден ден ќе ме разбереш.

Ќе видиш дека и покрај сите грешки кои ги имам направено кон тебе, секогаш ти посакував само најдобро и се обидував да те подготвам за патувањето на животот.

Не жали, не се лути и не се чувствувај беспомошно кога ќе ме гледаш таков/ва покрај себе. Биди покрај мене и обиди се да ме разбереш и да ми помогнеш како што јас ти помагав тебе кога ти почнуваше да живееш. Биди ми потпора, помогни ми да го завршам животното патување со љубов и трпение. Ќе ти возвратам со насмевка и со неизмерна љубов, која отсекогаш ја чував за тебе.

Те сакам,
Тато/Мама