Попова Шапка и со малку снег е полна со гости

ИЗВОРскопје24
|

Скијачкиот центар Попова Шапка, иако моментно има малку снег за официјален почеток на скијачката сезона, сепак е преполн со посетители.

Во деновите додека трае училишниот распуст родителите ги донесоа своите деца на забава на снег и на чист воздух. Децата си играат, се санкаат или учат да скијаат. Угостителските објекти имаат поставено маси и столови на отворено, каде што може да се ужива и одмора на кафе или ручек.

Тетово и цела котлина се во магла. Поради тоа е вистинска тешкотија да се излезе надвор со деца, ладно е, а воздухот е загаден. Некаде на половина пат ја одминавме маглата и сонцето нè стопли и нè орасположи. Тука е многу поинаку, наместо зимски јакни, децата си играат на снегот по блузи, бидејќи е топло. И што е најважно, воздухот е чист, вели Александра Јовановска, која со сопругот и трите деца престојува неколку дена во викендичка на Попова Шапка.

Директорот на скијачкиот центар „Попова Шапка“ подружница на ЕЛЕМ турс, Живе Алексовски, вели дека сè е подготвено за скијање на возрасните скијачи кога и да падне поголем снег.

Новиот шестосед како најважна и најголема новина за ски-сезоната 2019/2020 е готов и се чека дозвола за употреба од Министерството за транспорт и врски. На сите останати ски-лифтови уште во текот на летото и есента беше извршен ремонт на сите механички и електронски елементи. Новиот шестосед ќе го дуплира капацитетот на цело скијалиште, единствено недостига снегот, вели Алексовски.

За да се пуштат во употреба ски-лифтовите за скијачи потребни се 30-тина сантиметри снег.