Поради посетата на папата ќе бидат тргнати контејнерите од следните улици – граѓаните да не фрлаат ѓубре 24 часа

ИЗВОРСкопје24
|

ЈП „Комунална хигиена” – Скопје ги информира граѓаните од општината Центар, дека во пресрет на апостолската посета на папата Франциск ќе бидат спроведени безбедносни мерки коишто налагаат привремено дислоцирање на садовите за исфрлање на отпадот.

„Вечерва – 6.05.2019, околу 22 часот ќе бидат дислоцирани контејнерите на 45 локации на следните булевари и улици: Гоце Делчев, Св.Климент Охридски, Мајка Тереза, Даме Груев, Филип Втори, ВМРО, Орце Николов, Митрополит Теодосиј Гологанов, Кирил и Методиј, како и на Кејот 13 Ноември. Дислоцираните садови за исфрлање на отпадот ќе бидат вратени на своите локации околу 22 часот утревечер – 7.05.2019 година.

ЈП „Комунална хигиена” – Скопје апелира до граѓаните во меѓувреме да се воздржат од исфрлање на комуналниот отпад“, стои во соопштението.

Папата Франциск ќе одржи света литургија на плоштадот „Македонија“ во Скопје – ова се сите правила за присутните

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск утре во рамки на неговата прва посета на државава, ќе одржи света литургија на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Литургијата може да ја проследат само граѓаните кои имаат влезници, а пристапните влезови во литургискиот простор кон плоштадот ќе бидат отворени од 6 часот до 9 часот. Литургијата се очекува да заврши до 13 часот.

Во зоната ќе се пристапува преку девет влезови на кои МВР ќе врши безбедносна проверка на сите граѓани, како и проверка на лична карти или пасош. Единствените влезови во кои ќе се пропуштаат граѓаните кои ќе се упатуваат кон плоштадот „Македонија“ се:

Влез 1 кај Управен суд на ул. „Орце Николов”
Влез 2 кај хотел „Мериот“ на ул. „Максим Горки“
Влез 3 кај кафе „Тренд“ на ул. „Никола Вапцаров“
Влез 4 кај Министерство за правда на ул. „Димитрие Чуповски“
Влез 5 кај Министерство за финансии на ул. „Даме Груев“
Влез 6 кај Завод за статистика на ул. „Даме Груев”
Влез 7 кај Пелагонија на ул. „Димитрие Чуповски”
Влез 8 кај Порта Македонија на ул. „11 Октомври”
Влез 9 кај излезот од ГТЦ кон Плоштад

По завршувањето на литургијата папата во Спомен куќата на Света Мајка Тереза ќе се сретне со лидерите на верските заедници, по што ќе разговара со ранлива група граѓани. Тој ќе се сретне со свештеници од Католичката црква и со нивните семејства, со младите од државава и од светот кои претходно се пријавиле и добиле влезница, како и со претставници на цивилното општество и на дипломатскиот кор. Папата по пристигнувањето на аеродромот во Скопје ќе се сретне и со државниот врв.

Во продолжение прочитајте ги и посебните правила:

НАПОМЕНИ И УПАТСТВА ПО ПОВОД ДОАЃАЊЕТО НА ПАПАТА ФРАНЦИСК ВО СКОПЈЕ НА 7 МАЈ 2019

1. Напоменуваме дека би било добро автобусите и личните автомобили да бидат обележани со плакат или некаков знак за распознавање (препорачуваме тоа да биде официјалното лого за посетата). На влезовите во градот ќе има полиција која ќе ве насочува кон паркингот каде ќе ве дочекаат волонтери кои ако имате потреба ќе насочат кон плоштадот каде ќе се одржува Светата миса со папата Франциск. Освен на паркингот, личните автомобили ќе може да се паркираат и на местата кон кои ќе ве насочат полицајците.

2. Учесниците треба да пристигнат во Скопје најдоцна до 6 часот. Потребно е да се пристигне во ова време заради безбедносните прегледи кои ќе се вршат на патиштата, а од 7 часот улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени за сообраќај.

3. Влезот во литургискиот простор ќе биде отворен од 6 часот, а до 9 часот сите пријавени учесници треба да се наоѓаат на плоштадот.

4. Во литургискиот простор на плоштадот „Македонија“ ќе може да влезат само пријавените учесници со приложени влезници кои предходно ги добиле при регистрацијата или од водачот на групата.

5. Пред влезот во литургискиот простор ќе биде извршен полициски преглед. По влегувањето, секој присутен треба да ги почитува следните правила на однесување.

Забрането е:

носење на експлозивни направи, пиротехнички средства (запалки, петарди, факли, „бенгалки“ и сл.), запаливи смеси и течности, спрееви и шишиња со компримиран воздух, огнено и ладно оружје (ножеви, сите видови метални предмети, шипки, палки, ланци, ножици, жилети, комплети за маникирање, метални прибори за јадење и сл.);
предмети погодни за повредување и самоповредување) храна и пијалоци во метална и стаклена амбалажа;
сите видови на алкохолни пијалоци и чадори;
транспаренти и големи знамиња.

Сите учесници со себе треба да имаат:

влезница и личен документ (свештени лица и верници): лична карта (за учесниците од Македонија) или пасош (за учесниците надвор од Македонија); здравствена книшка и историја на болеста за хронично болните, како и најпотребните лекови кои ги користат; вода, освежувачки пијалоци во проѕирна пластична амбалажа, а доколку носат храна таа треба да биде во картонска или хартиена амбалажа; препорачуваме мантил за дожд заради можна заштита од дожд.

Правила на однесување за време на светата Литургија

Кога Светиот Отец ќе минува меѓу присутните не е дозволено фрлање на било какви предмети, дури ни цвеќе; во текот на литургиската прослава не е дозволено ракоплескање.

Препораки: присутните со себе да не носат поголема количина на пари или предмети со поголема вредност заради можните ограбувања или губења на истите; следење на временската прогноза и носење на облека во согласност со времето и со правилата за облекување на литургиска прослава; почитување на упатствата кои ќе ги даваат водителите на програмата, волонтерите и полицијата; доколку некој има потреба од здравствена помош, да се обрати до најблискиот волонтер, кој ќе биде означен со препознатлива ознака.

Ве замолуваме да внимавате на хигиената на просторот каде ќе се движите!

Повеќе информации на сајтот Папа.мк.