Поскапеа паркинзите во Центар: Еве колку ќе чини еден час

loading...

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар” ја промени во зонската поделба на најфревентните јавните паркиралишта. Во иднина паркинзите во Дебар маало, од зона 1 ќе преминат во зона 01, па така час паркирање ќе се плаќа 50 денари, наместо 40 како досега. Во повисока зона влегуваат и паркиралиштата „Буњаковец“ и „Капиштец“, кои од зона 2 ќе преминат во зона 1. Овде, наместо 30 денари за еден час паркирање ќе се плаќа 40 денари.

Со менувањето на зоната, на овие паркиралишта ќе се промени и временското ограничување за користење на паркиралиштата, начинот на наплата на паркирањето и начинот нa користење на повластената паркинг карта за деловен субјект и вработени во деловен субјект.

Со овие промени, велат во ПОЦ, ќе се добие подобра организација на паркиралиштата и ќе се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето на територија на општината. За побрзо информирање на граѓаните за промените во зонската поделба, ПОЦ веќе обнови 99 информативни табли, а во наредните неколку дена ќе постави и 88 нови табли, што значително ќе им го олесни користењето на услугите на граѓаните.

Новите информативни табли на ЈП Паркинзи на Општина Центар се двојазчни, на македонски и англиски јазик, заради големиот број на туристи коишто ја посетуваат општината. Таблите содржат информации за зоната, секторот, максимално дозволеното време на задржување, работно време, начинот на плаќање и цената на паркирањето по час и информации за контакт центарот.

Одлуката за усвојување на новиот Правилник за користење на јавните паркиралишта од значење на општина Центар, донесена од Управниот одбор на ЈП Паркинзи на Општина Центар, беше изгласана на последната седница на Советот на Општина Центар.