После четири месеци пауза, прва трка за Христо Ковачи во Австрија

ИЗВОРСкопје24
|

После четири месеци пауза, младиот Македонски картинг возач Христо Ковачи е повторно каде што му е местото, на тркачка патека…

Во последниве неколку месеци додека се наоѓаме во пандемија, целиот свет едноставно запра. Сите јавни настапи се откажаа, сите натпревари и било какви собири беа одложени. Но откако работите помалку се размрдаа, започнаа и натпреварите, но без публика.

На картинг патеката Спид Арена Рехниц во Австрија се одржа првата картинг трка од категоријата Ротакс Микро Макс. Во саботата беа одржани слободни тренинзи, после што следеа квалификациите и трите трки кои беа закажани во неделата.

По овој повод Македонскиот картинг возач и идна надеж на Македонскиот автомобилизам Христо Ковачи, за прв пат се појави во оваа силна категорија каде ги измери силите со искусните возачи.

Младиот Ковачи за прв пат се соочи со настап во оваа категорија каде паузата од четири месеци невозење и тоа како си го направи своето. Недостатокот на тренинг и непознавањето на патеката резултираа со болки во ребрата кај Христо, но тоа не го спречи да стисне заби и да продолжи со тоа што најдобро го прави.

На единствениот тренинг кој го имаше тој заврши со 11то време од 23 натпреварувачи, каде се здоби со болките во грбот и ребрата поради екстремниот грип на патеката, за истиот ден да се појави на квалификациите и да се избори за 16 стартна позиција, додека на трите неделни трки заврши на 13 позиција.

Неговиот татко се потруди да ни го објасни целиот викенд, а неговата изјава ви ја пренесуваме во целост:

„После четири месечна пауза и невозење решивме да се појавиме на оваа трка. Кога пристигнавме на патеката имавме само еден ден за тренинг. Прва сезона во категоријата Ротакс Микро Макс и прво искуство на патека со толку многу грип. На почетокот изгледаше невозможно, но подоцна видовме дека можеме да се справиме со предизвикот. На тренингот во саботата успеавме да стигнеме до 11 позиција од 23 возачи, но за жал, попладнето истиот ден започнаа болките во ребрата, а на квалификациите кои следеа Христо успеа да стигне до 16-тата стартна позиција.

Во неделата се одржаа трите трки во кои имаше неколку промени на позиции, но сепак не можевме да напредуваме повеќе. Дури во последната трка во последните четири круга имаше притисок од двајца возачи од кои мораше да се оградува и да се пази со цел да не ја загуби својата позиција, за на крајот да завршат во фотофиниш. Во сите трки во првата половина ја имаше потребната сила и брзина, но во втората половина доаѓаше до израз недостатокот на тренинг во четири месечната пауза, која и тоа како му сметаше во држењето на ритам.

За резултатот сме пресреќни и не очекувавме дека ќе го постигнеме во еден таков шампионат во кој има голема и доста силна конкуренција, на патека за другите веќе позната, но за нас не. Исто така се соочивме со нов предизвик, а тоа беше контактот на патеката (грип), предизвик кој ќе мораме да го совладаме што побрзо во иднина, а тоа е техника на справување со такви тркачки патеки.

Што се однесува на тимот кој работеше со Христо, момците беа на највисоко ниво и секоја сесија се трудеа подобро да го подесат картингот, како и да ги подобрат возачките способности на Христо. Исто така голема благодарност до Total TV кои се единствените партнери кои веруваат во нас и во тоа што го правиме. Ова беше едно прекрасно искуство за нас, кое во иднина ќе го повториме и се надеваме дека ќе си доаѓаме дома со многу подобри резултати.“ – изјави таткото на Христо, Аргир Ковачи.

Извор: брзкруг.мк