Постигнат е договор: Платите на судиите до 2022 година ќе се зголемат за 15 проценти

ИЗВОРСкопје24
|

Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска изјави дека платите на судиите ќе се зголемат за 15 проценти, откако Владата и Здружението на судии постигнаа согласност по ова прашање. Десет проценти ќе се зголемат оваа година, а пет години следната.

Како што нагласи Маричиќ, ова зголемување се очекува да важи и за судските службеници, а ќе се разговара и за јавните обвинители. Тој најави дека ќе се разговара и за зголемување на платите за уште дополнителни пет проценти за 2023 година и со цел да се стигне до посакуваните 20 проценти.

Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити, посочи дека ова е плод на повеќегодишни разговори со Владата.

„Нашата Влада зазема став дека судската власт е особено важна и дека статусот треба постојано да се зајакнува – тоа важи и за условите за работа и за поддршката во смисла на зголемена судска администрација, повеќе работни места и плати на судиите. Зголемувањето на платите во судството оди паралелно со зголемување на одговорноста и ефикасноста на судиите и правосудниот систем, но и со процесот на дигитализацијата и прочистувањето“ – изјави Маричиќ.

Маричиќ, посочи дека очекува ова да се сфати како позитивен сигнал за целото правосудство, дека државата се грижи, но и дека очекува поголема транспарентност, одговорност и ефикасност. Средствата за договореното зголемување на платите, нагласи тој, се веќе обезбедени во рамки на судскиот буџет и дека очекува итно да се пристапи кон реализирање.

„Планираме да предложиме и законски измени или нов Закон за плати на судиите, со кој што трајно ќе ги дефинираме коефициентите на судската власт како еден долгогодишен проблем за кој се преговараше“ – изјави Маричиќ.