Повторно се активираше шумскиот пожар над Кочани

ИЗВОРСкопје24
|

Ветерот и сувата вегетација помогнаа попладнево повторно да се активира шумскиот пожар на падините на Осоговските Планини над Кочани, што рано изутрината беше ставен под контрола.

Огнената стихија брзо се шири и стигна до Фабриката за вода за пиење и до куќите во нејзина близина и ја загрозува безбедноста на неколку населби во североисточниот дел на градот.

Од Територијалната противпожарна единица во Кочани информираа дека дејствуваат со сите расположиви човечки и материјални ресурси, но проблем е што огнената линија е раширена во пречник од околу десетина километри. Интервенцијата е отежната и поради стрмниот терен до кој не може да се пристапи со противпожарните возила.

Во гаснењето на огнот се вклучени и вработени во јавните претпријатија „Национални шуми“ и „Водовод“, од државните институции и месно население, а помош повторно ќе се бара и од противпожарните единици во регионот.