Повторно туркање и покажување сила при фаќањето на Светиот крст во Штип

ИЗВОРскопје24
|

Група штипјани кои скокаа во реката Брегалница по Светиот крст кој беше фрлен во реката, од раце му го земаа крстот на момчето кој го фати и одбиваа да му го вратат. За да се смири ситуацијата, свештениците на крајот одлучија на најсреќниот да му ги доделат наградите кои му следуваат од црквата, ама не дадоа благослов крстот да биде носен по штипските домови.

Видеото погледнете го ОВДЕ.

Ситуацијата се случи на централната свеченост за празникот Водици на Камениот мост на реката Брегалница во Штип.

Верниците овој чин ќе го запаметат по тоа што двајца од педесеттемина скокачи останаа да лежат во реката Брегалница и да се натегаат за светиот крст. По неколку минутно натегање меѓу нив, крстот го зеде оној којшто не стигна прв до него. Но, и по укажувањето на митрополитот на Брегалничката епархија господин Иларион, тој не сакаше да го предаде крстот. Сепак разумот преовлада и светиот крст му беше предаден на Наумче Балевски, кој беше најбрз и му беа доделени пригодни подароци.

– Бидејќи настана еден немил настан, затоа предложивме се додека се смират луѓето оваа година крстот да остане во црквата, а догодина ако се средат работите, како и годините наназад, крстот повторно ќе биде низ градот. Бидејќи крстот ќе биде во црквата, сите верници кои сакаат ќе можат да дојдат и да се поклонат во црквата и да го целиваат крстот во соборната црква „Свети Никола“, изјави г. Иларион.