Познат бројот на учесници во традиционалното положување на крстот во Вардар во Скопје

ИЗВОРскопје24
|

За учество во традиционалното положување на крстот во Вардар, пријавени се 111 граѓани. Положувањето на крстот ќе се одржи на 19 јануари на Богојавление – Водици во центарот на Скопје.

Се очекува до 19 часот кога ќе заврши пријавувањето во Македонската архиепископија, бројот да достигне околу 130 граѓани.

– Пријавените треба да бидат на возраст над 18 години. Досега меѓу пријавените нема жени. Кандидатите прво прават бесплатен лекарски преглед во Спортска медицина, кој е задолжителен, по што се пријавуваат во Македонската архиепископија, информираат од Скопската епархија.

Традиционалниот црковен чин положување на светиот крст во водите на реката Вардар, како што информираат од Скопската епархија, ќе се организира на 19 јануари од 11:30 до 12:30 часот на мостот „Слобода” кај хотелот „Холидеј Ин”.

Освен во Скопје, крстови ќе бидат положени и во водите низ останатите скопски општини и градови во државава.

Празникот Водици се слави од вториот век. Поврзан е со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден. Се верува дека тој што ќе го фати крстот ќе го следи благослов и среќа цела година.