Производителите го чекаат последниот ден за намалување на цените на млечните производи, одлуката од утре ќе стапи во сила

|

Производителите очигледно го чекаат последниот ден за да ги намалат цените, смета вицепремирот за економски прашања Фатмир Битиќи коментирајќи го фактот што на рафтовите во продавниците се’ уште стојат старите цени, а одлуката за замрзнување на цените на млечните производи стапува на сила од утре.

„Очигледно така сме навикнати во нашето општетство, секогаш е последниот ден, дури и ако е за добра работа чекаме последен ден. Ќе ги видиме утре наутро цените коишто ги кажавме“, рече Битиќи.

Вицепремиерот нагласи дека Владата ги следи движењата на пазарот во Европа. Цените паѓаат, рече тој и справувањето со економската криза го оцени како успешно.

„Резултатите се видливи. Тоа значи дека и кај нас, трговците треба да ги следат истите текови. Ако паѓаат основните суровини ќе треба да продолжат да паѓаат и цените“, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања.

Утре стапува на сила одлуката за замрзнување на млечните производи, односно намалување на цената за 10 отсто. Тоа значи дека ако на 1 март цената на млекото била 76 денари за литар, тогаш на 16 март овој производ треба најмалку да биде поевтин за 7,6 денари. Во оваа група влегуваат трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, урдата, кравјото бело сирење и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, со исклучок на кравјиот кашкавал без додатоци и пармезанот, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци.

Одлуката за замрзнување на цената на млечните производи ќе важи до 31 мај