Рана метео прогноза: Европа ја очекува невообичаено топла зима

|

Температурите оваа зима ќе бидат клучни за сите граѓани загрижени за рекордните трошоци за затоплување на домовите, но и за европските политичари кои сакаат да избегнат намалувања на енергијата поради случувањата во светот.

„Гледаме дека зимата ќе биде потопла од вообичаено“, вели Карло Буонтемпо, директор на Службата за климатски промени Copernicus, која прави сезонски прогнози за Европскиот центар за временски прогнози (ECMWF).

„Сепак, сè уште постои значителна шанса за блокада на струењата, што може да доведе до ниски температури и ветрови над Европа“, додава Буонтемпо.

ECMWF создава прогнози врз основа на податоци од голем број национални метеоролошки служби низ Европа.

Нивните прогнози се засноваат на индикатори како што се температурата на океаните и атмосферата, како и брзината на стратосферскиот ветер, но не се толку точни како краткорочните извештаи.

Зимата во Европа се очекува да биде потопла од вообичаено поради глобалниот временски феномен „Ла Ниња“, кој е поврзан со заладување на површинските температури во централниот и источниот екваторијален Тихи Океан.

„Знаеме дека во годината Ла Ниња, вториот дел од зимата во Европа има тенденција да ги фаворизира западните ветрови, кои се претежно топли и влажни“, вели Буонтемпо.

Агенцијата ќе ја ажурира својата прогноза за зимската сезона следниот месец кога ќе биде попрецизна.