Регулаторна одлучи: Од полноќ нови цени на горивата во Македонија

ИЗВОРСкопје24
|

Регулаторна ги објави новите цени на горивата – цената на 95-октанскиот бензин се намалува за половина денар, додека цената на дизелот се зголемува за половина денар.

Во согласност со методологијата за пресметка на цените на горивата, од вечерва на полноќ малопродажните цени се намалуваат во просек за 0.21 проценти.

Малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР-95 се намалува за половина денар и еден литар „95-ка“ ќе чини 66.50 денари. Цената на ЕУРОСУПЕР-98 не се менува и еден литар и понатаму ќе чини 69.00 денари.

Цената на ЕУРОДИЗЕЛ горивото се зголемува за половина денар и еден литар дизел гориво ќе чини 61.50 денари.

Новите цени стапуваат на сила вечерва на полноќ.

Цените на нафтата на меѓународните пазари минатата недела паднаа под 59 американски долари. Причина за ваквиот пад на цените е влегувањето во сила на новите американски и кинески тарифи кои предизвикаа загриженост за глобалниот економски раст и побарувачката за енергенси.

На лондонската берза цената на барелот падна за 55 центи на 58,7 американски долари. На американскиот пазар еден барел чинеше 38 центи помалку односно за 54,72 долари.

На цените на нафтата влијаеја и податоците за растот на производството на нафта во членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во август.