Руралната жена работи како маж, ама смета дека одлучувањето е „машка“ работа

ИЗВОРСкопје24
|

Жените од руралните средини не учествуваат во донесување одлуки на локалната заедница и покрај нивниот придонес кон семејните земјоделски стопанства, дел од нив сметаат дека тоа е „машка“ работа, но, бараат подобра инфраструктура како и можности да напредуваат во оваа гранка, покажува истражувањето на „Рурална коалиција“ во Куманово.

Во истражувањето биле опфатени сто испитанички, жени од рурални средини од североисточниот и пелагонискиот регион, од кои 64 проценти имале минимални познавања за родова еднаквост преку принципот на родово-одговорно буџетирање, вклучување на жените во процесите на донесување на одлуки во месните заедници, ниту една не слушнала за родово-одговорно буџетирање или родов индекс и некогаш не учествувале на состанок на месна заедница.

– Бројките се поразителни во руралните средини. Седумдесет и седум проценти од испитаничките ги немаат услугите на локално ниво, немаат пат, превоз, амбуланти, градинки, банки, во некои нема училишта, а некаде ни продавници. Загрижува фактот дека сметаат оти присуствувањето на состаноци е исклучиво машка работа – изјави Лилјана Јоноски од „Рурална коалиција“.

Земјоделката Жељка Диклиќ-Илиевска, од село Пчиња, вели дека се соочуваат со недостиг на услуги во руралните средини, немање вода, канализација, превоз, пат, поради што пешачат за да стигнат до работа, обврзани се самите да се снаоѓаат да ангажираат роднини да им ги чуваат децата за да си ја завршат работата.

– Борбата е голема кај руралните жени, недостига едукација, само за пет години една мобилна амбуланта ни направи преглед, работи на имот, а нема имот, кредитно е неспособна, иако работи – вели Диклиќ-Илиевска.

Таа се надева дека во иднина работите ќе се придвижат во позитивна насока за жените од руралните средини.