Се продаваат оние кои останаа – ЈП „Градски паркинг“ ги продава велосипедите и тротинетите кои се изнајмуваа

ИЗВОРСкопје24
|

Откако не успеа проектот за изнајмување на велосипеди и тротинети во Скопје, јавно претпријатие „Градски паркинг“ ги продава и оние малку велосипедите и тротинетите кои останаа неискршени или не беа украдени, а беа купени со буџетски пари, дознава СДК.

Ќе се продаваат 4 тротинети, 7 електрични и 22 обични велосипеди. Исто така, на продажба ќе бидат ставени и осум коли, седум скутери и една метларка, бидејќи биле постари од 10 години и трошоците за одржување биле големи. Возилата и велосипедите ќе бидат отуѓени по пат на јавно наддавање.

Во Скопје велосипеди не се изнајмуваат пет години. Проектот беше воведен од Град Скопје во 2010 во времето на градоначалникот Коце Трајановски со цел да се поттикнат граѓаните да го користат велосипедот како превозно средство. Но, тој не функционираше како што беше планирано бидејќи сите велосипеди кои Градот ги купи или ги доби како донација беа искршени или украдени.

Новата градска администрација лани кажа дека работи на нов проект за изнајмување велисипеди, но тој сè уште не е реализиран.