Се заваруваат шахтите на плоштад за папата

ИЗВОРСкопје24
|

Речиси еден месец пред доаѓањето на папата Франциско во Скопје властите почнаа да ги заваруваат шахтите на скопскиот плоштад, како дел од безбедносните мерки.

– Се работи за пракса која се реализира секоја година од безбедносни причини поради одржувањето на „Скопскиот маратон“ и посетата на ВИП личности – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Папата Франциско ќе дојде на 7 мај, а едно од местата на кое ќе престојува ќе биде централниот плоштад во Скопје.

Папата ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, а ќе има и обраќање во Мозаик салата на претседателската палата.

Извори за весникот „Вечер” изјавиле дека се внимава на секоја ситница, на секој детаљ од десетчасовниот престој, од пречекот на аеродром, преку приемот во претседателската палата на Водно и сите аудиенции со државниот врв, претставници на граѓанското општество, дипломатскиот кор и свештениците, а потоа и за посетата на спомен-куќата на Мајка Тереза, која има посебно место на агендата, бидејќи тој лично, на 4 септември 2016 година, ја прогласи за светица. Најмногу луѓе, според „Вечер” се вклучени во обезбедувањето на плоштадот „Македонија”, каде што ќе се одржи централниот настан, свечената миса на која се очекува да присуствуваат голем број верници од Македонија и од регионов. Истите извори велат дека поради фактот што папата честопати знае да изненади со отстапување од предвидената агенда, практикуваат секогаш да имаат и план Б. Сепак, детали околу подготовките кои почнаа уште пред триесетина дена не се откриваат.

Енигма е и каде ќе се одржи свечениот ручек за папата Франциск. Според неофицијални информации, светиот отец ќе биде организиран во бискупската резиденција на Водно, каде што домаќин ќе му биде бискупот Киро Стојанов. Што ќе биде на менито и кој ќе му готви на папата е строго чувана тајна. Но, ако се смета на македонското гостопримство на трпезата ќе има неколку традиционални македонски јадења, вклучително ајвар, тавче гравче, но и месени пити и полнето тесто кои се најдраги јадења на поглаварот.

Домаќините ќе ја почитуваат препораката на докторите на папата најмногу да консумира риба, па така, на менито ќе има и охридска пастрмка и белвица. Сите јадења ќе мора да бидат готвени според високи стандарди, а прво ќе ги проба неговиот гастроном, па дури потоа ќе може бидат послужени.

Според изјави на ватиканскиот готвач кои можат да се прочитаат на интернет, папата не е воопшто пребирлив за јадење, а дека како Кардинал во Буенос Аирес знаел и самиот да си зготви.

Бидејќи престојува во единствениот ватикански хотел “Домот Санта Марта#, јадел се што има послужено на шведската маса. Но, папата кој е добро познат по неговиот едноставен начин на живот, сепак претпочита скромни но, здрави оброци, супи, свежо овошје и зеленчук и повремено вино. Понекогаш, како што изјавил самиот, посакува самиот на раат да изеде парче пица.

Посетата на папата ќе биде под посебно мото и лого кои визуелно ќе го пратат апостолското патување на светиот отец на државава. Мотото „Не бој се, мало стадо! е земено од Евангелието според Лука 12:32.

Логото за посетата на папата Франциск на Македонија содржи три главни елементи. Првиот е развиореното македонско знаме, сместено во границите на Република Северна Македонија, земјата која ја посетува Светиот отец. Вториот елемент е стилизираниот лик на папата Франциск, опточен со сините линии карактеристични за сарите на редот на Мајка Тереза, што симболизира дека папата доаѓа во родната земја на светицата. Ликот на папата Фрањо е претставен во полупрофил со десната рака ја благословува Македонија, со сите нејзини особености, а во левата рака го држи епископското жезло, што ја симболизира неговата пастирска посета на Македонија. Папата е во бело и во комбинација со жолтата боја од зраците на македонското знаме ги отсликува боите на ватиканското знаме.

Во долниот дел се бранови во сина боја, кои укажуваат на секојдневните предизвици, истакнувајќи го наследството кое света Мајка Тереза го остава на Македонија, градот Скопје и овие простори. Логото и мотото ги промовираше Ватикан во декември, лани.