Синоќа гореше стан над ресторанот „Пелистер“, жена се здобила со повреди откако автобус на ЈСП тргнал пред да се качи…

loading...

Министерството за внатрешни работи денес соопшти информации за пожарот кој вчера вечерта настана во стан во зграда лоцирана на плоштадот Македонија во Скопје.

-Во 20.05 часот во Скопје на улица “Македонија“ во стан сопственост на Д.А.(91), настанал пожар, во кој е зафатена спалната соба и причинета е само материјална штета, додека повредени лица нема. Во 22.30 часот пожарот е целосно изгаснат од Противпожарна екипа, информираат од МВР.

Увид ќе се врши во текот на денешниот ден.

Шеесет и тригодишна скопјанка се повредила додека се качувала во автобус, кој не застанал, информираа од МВР.

Според полицијата, вчера во 10.15 часот на автобуска станица на улица „Ѓорче Петров“, при качување во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие, кој тргнувал, со повреди се здобила патничката Р.Т.(63) од Скопје. Таа била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје каде и била укажана лекарска помош и и биле констатирани тешки телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Четиригодишно девојче било нападнато и каснато од куче, информираа од МВР.

Според полицијата, пред неколку денови околу 17.30 часот во Скопје на улица “Скупи 7“, 4 -годишно девојче билo нападнатo и каснатo од куче. Со возило на Итна медицинска помош детето било пренесно во Комплекс клиники “Мајка Тереза”.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Крадецот во црквата во кавадаречкото Горна Бошава украл околу илјада и петстотини евра во денарска противвредност, книжни и железни, ги оставил само петдинарките. Ова го откриваат за МИА жители на селото во кое пред седум месеци беше ограбена црквата, барајќи информации за тоа дали е фатен крадецот.

Не се знае дали тој немал време да ги земе и петдинарките, не ги забележал, или пак станува збор за суеверие.

-Во врска со тешката кражба во црквата „Свети Илија“ во село Горна Бошава, кавадаречко, што се случила во периодот од 15.10 до 30.10.2017 година, Ве известуваме дека од страна на Полициската станица Кавадарци, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, на 30.04.2018 година е поднесена кривична пријава против лицето О.В. од Кавадарци, стои во писмениот одговор што до МИА го испратија од Министерството за внатрешни работи.