Скандал за кој сите молчеле: Тито ѝ удрил шлаканица на Јованка поради масерката

ИЗВОРСкопје24
|

Како сопруга на Јосип Броз Тито Јованка имала наизглед сè што ќе посакала, за со години подоцна да се испостави дека всушност немала ништо.

Тајно се венчале на 15 април 1952 година, а нејзиното официјално претставување како прва дама било дури една година подоцна.

Веста за венчавката на Тито се пренела низ светот како сензација. Сите ја опишувале сопругата на маршалот како витка и убава, со бујна коса и крупни очи.

„Разликата од 32 години не претставуваше никаква пречка меѓу нас. Напротив! На добар начин се следевме. Тито игра билијард, па и јас научив покрај него. Тој оди на лов, одличен стрелец е, ама во војната и јас научив да пукам. Одиме на риболов, мене ме одликува трпение. Пливаме заедно, ама јас подобро од него. Тој е со многу развиено чувство за музика, јас без слух“, зборувала Јованка.

Но познато е и дека Тито бил слаб на жени и кружеле приказни за неговите врски со оперски диви, глумици, балерини…

Во август 1976 година се случил скандал. Јованка била со Тито на Самитот на неврзаните во Шри Ланка, каде што се случил инцидентот со масерката на Тито, Даријана Грбиќ.

Според тврдењето на личниот доктор на Тито, Александар Матуновиќ, Јованка тогаш ја нападнала младата масерка, а меѓу нив се испречил Тито, кој во еден момент ѝ удрил шлаканица на сопругата.

Јованка била толку бесна што се плашеле дека ќе го застрела Тито.

„И јас како и Јованка бев сигурен дека таа шлаканица беше знак на подлабока емотивна врска меѓу Тито и масерката. Тоа уверување си го задржав за себе, а Јованка се обидував да ја убедам дека Тито се грижи за Даријана само затоа што одлично си ја врши работата“, раскажал Матуновиќ.

Набрзо станало јасно дека двајцата биле во право. Јованка веќе не одела со сопругот на меѓународните патувања, за разлика од 60 години помладата масерка Даријана (а подоцна и нејзината сестра Радојка), која дури и за време на лекувањето на Тито во последните неколку месеци од неговиот живот, била во негова непосредна близина.

Сепак, новата 1977 година Јованка и Тито ја дочекале заедно во новосадскиот хотел „Парк“, каде што е забележен и нивниот последен, новогодишен бакнеж.

После половина година Јованка за последен пат се појавила во јавноста како прва дама.

Таа есен е ставена во своевиден домашен притвор и целосно изолирана од сопругот.

Јосип Броз го напушти овој свет на 4 мај 1980 година, а Јованка добила дозвола да присуствува на погребот дури откако Индира Ганди се заканила дека нема да дојде на погребот ако не присуствува и вдовицата на Тито.