Скопје добива нова современа сообраќајница – Градежните работи ќе траат две до две и пол години

ИЗВОРСкопје24
|

Градоначалникот на Град Скопје, заедно со градоначалниците на општините Центар, Карпош, Чаир и Бутел го најавија новиот модерен сообраќаен проект кај Момин Поток.

Една од најпроблематичните сообраќајници и клучки во нашиот главен град ќе добие современо и модерно решение, најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Клучката кај Момин Поток, една од главните сообраќајници која ги поврзува северниот и јужниот дел на Скопје, претставува сериозен проблем со години наназад, а низ истата дневно поминуваат 25.000 возила.

Според новиот проект кој го претстави градскиот татко, заедно со градоначалниците на општините Карпош, Бутел, Чаир и Центар, клучката кај Момин Поток ќе добие два нови кружни тека со две ленти, подвозници и надвозници, а целата модернизација на оваа сообраќајница ќе чини 18 милиони евра.

„Според својата комплексност, се работи за убедливо најсложениот сообраќаен проект којшто Град Скопје го има изработено од 1965 година, па наваму. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8.Септември и улицата Скупи и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар Словенија каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина. Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници“, истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Градежните работи започнуваат во јуни

Вкупната должина на сообраќајницата која ќе биде опфатена со оваа модернизација, односно меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булеварот „Словенија“ е околу 1.600 метри. Градежните работи на ова место треба да започнат во текот на јуни, а целата изведба според најавите ќе трае две до две и пол години, па возачите ќе треба да се „наоружаат“ со трпение, за Скопје да добие модерна сообраќајница која се очекува сериозно да го намали метежот во овој дел од градот.

Првиот кружен тек ќе биде поставен помеѓу булеварот 8 септември и улицата „Скупи“, додека вториот ќе се наоѓа на крстосницата со булеварот „Никола Карев“ на патот кон Визбегово.

Извор: автоплус.мк