Во Хрватска од ноќеска паѓа снег, а побелеа и улиците на главниот град. Обилен снег паѓа во внатрешноста, навеви има на автопатот, а снег паѓа и во Меѓимурје, Загорје, Самобор, Загреб.
За денеска се прогнозира претежно облачно време, на места со дожд, на Јадранот со обилни дождови и грмотевици.
Утре, кон крајот на денот, од дожд, ќе преминува во снег, а некоја снегулка може да падне и во приморските области.
Снег паѓа на Сљеме, Завижан, Паг и на крајниот северозапад на Хрватска.
Застој во сообраќајот има на повеќе патни делници, како и на автопатот А6 од Риека до Загреб.
Поради сообраќајка на овој пат пред тунелот се вози во една лента, а ограничувањето на брзината е 60 км/ч.
Во тек е расчистување на снегот од коловозите.
Во Македонија пак, под влијание на циклонска активност и серија влажни воздушни бранови следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд.
Како што информираат од УХМР, врнежите на места ќе бидат обилни и до петок се очекува да наврнат над 50 л/м2. Во четврток локално врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи. До четврток ќе дува засилен, а повремено силен ветер (над 70 км/час) од јужен правец што ќе услови топло време за овој период од годината.
Во петок и за време на викендот се очекува значително заладување и врнежите од дожд постепено ќе преминуваат во снег и во пониските места. На планините ќе се формира позначителна снежна покривка, а помала се очекува и во некои пониски места.