Со закон ќе се регулираат електричните тротинети, максимална брзина од 25 километри на час

ИЗВОРСкопје24
|

Со законско решение ќе се регулира и употребата на се повеќе популарните електричните тротинети. Со Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, што е во Собраниската процедура, ќе се уредува и управувањето со тротинети во сообраќајот. Министерот Спасовски деновиве информира дека ќе се уредува на ниво на велосипеди.

– Тука апсолутно немаше никаква регулација, каде да се движат, кои правила треба да ги исполнуваат. И тука ги имаме дефинирано условите за нивното учество во сообраќајот, каде може да се движат, брзината, возраста на лицето кое управува со нив, користење заштитна опрема, употребата на светла… Практично тоа е на ниво на велосипеди, информира Спасовски.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, за МИА изјави дека за самата регулација на употребата на овие електрични возила се користеле искуства од неколку европски земји и побарале мислење од експерти.

– Употребата на електрични тротинети е сè попопуларна кај нас, посебно оваа година, и се зголемува нивната употреба. Со самото тоа се наметнуваше прашањето за нивна регулација. Во целиот свет ова е ново превозно средство и сите земји наоѓаат начини како тоа да го регулираат. Ние користевме искуства од европските земји, направивме и неколку дебати со експерти, побаравме експертско мислење, сè со цел да изнајдеме решение што ќе биде најдобро, односно најдобро ќе се вклопи во условите во нашата држава, вели Ангеловски.

Во предложените измени на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, меѓу другото, е предвидено да се носи заштитна кацига од страна на овие учесници во сообраќајот, а во ноќниот период и во периодите кога е намалена видливоста да носат и рефлектирачки елек.

– Една од мерките предвидена во Законот е сите возачи да носат рефлектирачки елек, затоа што знаеме дека овие возила се на некој начин „нечујни“ и треба да бидат што повидливи за другите учесници во сообраќајот. И овие мерки се предвидени во новиот Закон. Секое лице може да управува на велосипедска патека, но со максимална брзина до 25 километри на час, информира Ангеловски, додавајќи дека тротинетите не смеат да ги управуваат лица помали од 14 години.

Од 50 до 120 евра ќе треба да плати секој поединец кој ќе ги прекрши одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот, зависно од прекршокот што е направен.