Според владината одлука враќањето на работа нема да важи за сите

ИЗВОРСкопје24
|

Владината одлука од вчерашната 57-ма седница за враќање на работа од 1 јуни не важи за хронично болните и за родителите кои имаат деца на возраст до 10 години, или деца на претшколска возраст.

Според одлуката на Владата, од 1 јуни годинава престануваат да важат заклучоците со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на работните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон градот Скопје, организирање на работниот процес со ротации и другите слични мерки и препораки. Оваа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа, дејствување и однесување на работно место кој се однесува на просторните услови, физичкото растојание во работните и другите простории, носењето лична заштитна опрема и слично.

За да се обезбеди заштита и грижа на децата, Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, во која со членот 4 е предвидено отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и/или посвојување, да продолжи да тече, а со тоа и надоместокот на плата да продолжи да се исплаќа сè до истекот на траењето на времените мерки, соопшти владината прес-служба.

Ова значи дека секоја работничка на која и завршило отсуството од работа поради бременост, раѓање и/или посвојување по прогласување на вонредната состојба (18.март 2020 година) има право да продолжи да го користи отсуството од работа, а со тоа продолжува да го користи надоместокот на плата. Отсуството може да се користи сè додека траат времените мерки и не е поврзано со вонредната состојба.