ССК испорача 15 мерки за опстанок на работните места и претпријатијата

ИЗВОРСкопје24
|

Континуитет на поддршката која ќе овозможи да се зачуваат работните места и да опстанат претпријатијата, бара Сојузот на стопански комори на Македонија. Ова барање на ССК е преточено во 15 мерки кои и официјално се доставени до надлежните.

Според претседателот на ССК, Данела Арсовска, предлог-мерките се скромни со оглед на состојбите во економијата и се засновани на широк процес на консултации во приватниот сектор и неопходно е поддршката да има континуитет, кој повеќе од се ќе биде сигнал за претпријатијата да се задржат работните места и да се издржи тешкиот период без да згаснат дејностите кои се најкритични. Приоритетни мерки на предложениот пакетот вклучуваат продолжување на мерката за месечна финансиска помош од 14.500 денари до април 2021 година, директно и неселективно, продолжување на помош во форма на бескаматни кредити и можност за репрограмирање на обврските од активни кредитни побарувања.

“Сојузот достави 15 мерки за економски спас кои се базираат на реалните потреби на стопанството кое се соочува со голем број предизвици. Важно е да се зачуваат работните места, но и да се надмине нарушената ликвидност која многу брзо, доколку не се обезбеди континуирана финансиска помош може да доведе до затворање на дел од правните субјекти. Во услови на намалена деловна активност и голема неизвесност, мерката 14.500 даде значителни резултати за одржување на претпријатијата како и зачувување на работните места. Неопходно е и да остане достапна кредитната линија на Развојната банка, за мали и средни претпријатија со овозможување средства за надминување на предизвиците за одржување на ликвидноста“, изјави претседателот на Сојузот на стопански комори.

Арсовска ја потенцираше важноста на донесување мерки со кои ќе се укине аконтативното плаќање данок на добивка, ќе се укине камата за задоцнето плаќање на данок и други давачки кон УЈП и до крај на годината и ќе се одложи рокот за поднесок на ДДВ извештаи.

„Во овој сет на мерки предлагаме и одложување на роковите за поднесок на годишна сметка и финансиски извештаи до 30.04.2021 во хартиена односно 15.05.2021 во електронска форма. Овие мерки не преставуваат директна финансиска помош, но се важни бидејќи ќе ги олеснат значително услови во кои работи реалниот сектор. Меѓу клучните барања е и да се преземе на одлучна акција за справување со сивата економија од нерегистрираните субјекти. Со оваа акција се постигнува двоен ефект, прво се обезбедуваат дополнителни финансиски приходи во буџетот од неформалната економија која има учество од 40% во економијата и затајува даноци во износ од третина од националниот буџет, второ ќе се подобри деловното окружување за регистрираните субјекти кои во овој момент се во тешка состојба“ додаде Арсовска.

Сојузот на стопански комори бара и изготвување и донесување на прецизни протоколи за работа за сите дејности, бидејќи е недозволиво после речиси една година од почеток на кризата се уште да не се изготвени протоколи за работа на одредени дејности. За претпријатијата во угостителството, неопходно е да се направи изедначување на данокот на додадена вредност на сите услуги и производи на даночната стапка од 10%, а претпријатијата од секторот туризам бараат намалување на данокот на додадена вредност од 18% на 10%.

„Градежниот сектор како еден од секторите двигатели на македонската економија може да допринесе за подобрување на солвентноста на буџетот на централните и локални власти, доколку му се овозможат услови за работа преку повлекување на противуставните градежни мораториуми и овозможување на планско градење во согласност со урбанистичките и еколошките стандарди“, изјави Арсовска.

Дополнително, ССК достави посебни финансиски мерки за директна таргетирана неповратна финансиска поддршка за секторите кои не се во можност редовно да ја вршат својата дејност особено во секторите туризам, превоз, угостителство, сметководство, едукација, установи за згрижување на деца. Важно е да не се дозволи претпријатијата од овие сектори да пропаднат во време на криза, и да можат да опстанат до отпочнување на периодот на економското закрепнување.