Стотици илјади нови работни места за странци во Германија

loading...

Стотици илјади нови работни места во Германија се пополнуваат од работници од источна Европа, покажуваат владините податоци. Бројот на вработени во јули е за 700 илјади повисок од лани, пишува Дојче веле.

Секое второ работно место отворено во Германија се пополнува од странец, соопшти Сојузната служба за вработување. Бројот на луѓето регистрирани како вработени во јули годинава е за 700 илјади повисок од истиот период лани, покажува статистиката. Од таа бројка, Германците пополниле 330 илјади работни места, додека странците – 370 илјади.

Севкупно, во моментов има околу 1,5 милиони регистрирани вработени од источна Европа во Германија, меѓу нив 422 илјади Полјаци и 349 илјади Романци.
Во овие бројки се опфатени само оние вработени кои плаќаат целосни социјални и пензиски давачки и даноци. Од Грција, Италија, Португалија и Шпанија вработени се вкупно 614 илјади луѓе во Германија.

Меѓу бегалците, како вработени се регистрирани само 327 илјади луѓе.

Германија со години се соочува со надолен тренд на наталитет и стареење на населението, па за да се одржи во живот најголемата европска економија потребен е постојан прилив на свежа работна сила. Министерот за труд Хибертус Хајл за ФАЦ изјави: „Без слободното движење на работниците во Европа, ќе бевме во многу тешка позиција за некои професии“. Хајл го поздрави неодамна донесениот предлог-закон со кој треба да се ажурира германскиот закон за имиграција. „Законот претставува голем социјален и економски напредок кој никој веќе не може да го врати назад“.

Со законот, меѓу другото, ќе се рангираат и имигрантите надвор од ЕУ согласно нивото на образование, возраст, познавање на јазик, понуди за работа и финансиска сигурност. Целта е да се привлечат обучени работници со кои ќе се одржува конкурентноста на германската економија.

Едиствено отворено прашање останува специјалниот исклучок кој социјалдемократите го бараат за бегалците чии барања за азил се одбиени иако тие успеале да се интегрираат во германското општество.