Стотици туристи евакуирани од плажите во Бодрум заради шумските пожари

ИЗВОРТелма
|

Стотици странски туристи беа евакуирани денеска од плажите во Бодрум , откако шумските пожари кои беснеат надвор од контрола во Турција, опасно се приближија до повеќе хотели и куќи во регион.

Турската крајбрежна служба, помогната од флота приватни чамци и јахти, беа употребени за да ги однесат туристите на безбедни локации.

Според турските медиуми, голем број туристи од 3 хотели со 5 ѕвезди биле евакуирани за да бидат спасени од огнената стихија.

Уплашените туристи ги чекале чамците на плажите од популарното турско одморалиште Бодрум. Руската новинска агенција Спутник соопшти дека повеќе од 100 руски туристи биле релоцирани од Бодрум во други хотели на турскиот брег, подалеку од пожарите.

Брзото ширење на огнот ги изненади и спасувачите и репортерот на турска телевизија кој бил со нив на бродот на крајбрежната служба.

“Да, ова е неверојатно, едноставно неверојатно. Како овој оган дојде толку бргу овде за само 5 минути? Како што гледате, пожарот е сега веднаш до хотелот од 5 ѕвезди “Forever Club”. Уште 15 метри и ќе стигне до главниот пат” – пренесе еден турски репортер.

На социјалните мрежи беа објавени и снимки на кои се гледа како колони туристи со куфери и патни торби во рацете итаат кон плажите за да бидат евакуирани, додека на брдото над нив огнот забрзано се ширеше и опасно им се приближуваше.

Според турските власти,уште 10 пожари не се ставени под контрола и продолжуваат опасно да се шират.

Никола Илиевски