Светски познатиот оперски пејач Андреа Заупа во Скопје за Турандот – „Работата со македонските пејачи беше импресивна, уживав во тоа што ја делев сцената баш со нив!“

loading...

Пред неколку дена публиката во Македонската Опера и Балет имаше можност да ужива во прекрасната оперска претстава Турандот од Џакомо Пучини, и истата беше примена со воодушевање и громогласен аплауз. За таа цел во нашата земја допатува светски познатиот оперски пејач, баритон, Андреа Заупа од Италија кој во претставата го толкуваше ликот на Пинг.

Заупа на сцената во последните 10 години има настапувано насекаде во светот, од Кина до САД, од Европа до Средниот исток, а последно честа ја имаше и Македонија. За себе вели дека операта му е прва љубов и главна работа, но во слободно време сака и да фотографира, а дел е и од престижниот италијански неделен магазин „CHI“ како фоторепортер и новинар.

Со цел да ја истакне својата благодарност кон Македонската Опера и Балет за прекрасниот престој и гостувањето тој направи и краток документарец за време на подготовките на балетскиот ансамбл за претставата „Лебедово езеро“, која ќе се прикажува ова лето во МОБ.

„Благодарен сум што бев поканет од страна на МОБ, поради тоа сакам да ја прославам таа благодарност со еден краток документарец за Македонската Оперска инстиуција. Сигурен сум дека во блиска иднина ќе има и други убави прилики за соработка со оперскиот дел на МОБ. Скопје е среќно што има толку прекрасен театар со толку прекрасна програма и оркестар“, вели тој.

Тој вели дека до соработката со МОБ дошло по покана од продукцијата на Турандот, а секако со препорака од неговиот пријател големиот македонски тенор Благој Начоски.

„Јас бев поканет од оваа прекрасна продукција на Турандот. Со нив се запознав преку мојот драг пријател и одличен македонски тенор Благој Начоски. Со него имам работено многу пати како и неодамна на „La Cenerentola“ од Росини во Кипар и на Турандот во Тбилиси. Искрено бев многу импресиониран од работењето во МОБ, од екстремниот професионализам како и од љубовта која луѓето овде ја внесуваат во самата продукција на претставата. Навистина уживав во работењето тука.“

Презадоволен од престојот, гостопримството и како што вели прекрасните човечки суштества кои што жртвуваат и даваат се од се од себе за сцената, маестралниот Андреа Заупа одвои дел од своето време и преку отворен разговор со нашата екипа ги пренесе големите впечатоци од изведбата, гостувањето и посетата на нашата земја.

Бевте дел од оперската престава Турандот како би го опишале таквото искуство и како бевте прифатени од македонската публика?

– Навистина е трогателно за еден Италијански пејач да најде толку прекрасни колеги кои работат толку добро во италијанска опера и тоа на мојот јазик. Нивото на македонски пејачи со кои јас работев беше импресивно, јас многу уживав во тоа што ја делев сцената баш со такви колеги.

Операта поради некоја причина е секогаш сакана од страна на публиката, и на македонската публика навистина и се допадна нашиот перформан: тие беа дарежливи со аплаузи и ентузијазам уште од првата сцена на операта.

Според ваше мислење има ли Македонија големи артисти и таленти?

– Да се оди и да се гледа опера или балет е како да се оди да се посети Сикстинската капела на Микеланџело. но можеби дури со многу подлабоко внатрешно искуство. Земја која се осмелува да поттикне уметност, музика, опера и балет – како што тоа го прави Македонија, покажува храброст. Во вашата земја има големи таленти, но исто така и големи артисти како што забележав во МОБ, па прекрасно е тоа што тие можат да ја искажат својата уметност на јавноста пред градските театри. Зборувам за оперските пејачи, за класичните танчери како и за вашиот оркестар.

Колку време престојувавте во Македонија и што најмногу ви остави впечаток од нашата земја и од главниот град Скопје?

– Во Скопје бев само краток период за време на пробите, но се надевам на повторно враќање и посета на многуте езера и планини. Ми се допадна градот и животот во Скопје: тој е голем главен град со многу живот, но нема премногу гужва. Архитектурата е маестрална како и статуите, па изгледа дека главниот град е подготвен за големи работи.

Како би ги опишале луѓето во Македонија?

– Луѓето во Македонија беа многу пријателски расположени, топли и гостопримливи за гости и странци како мене. Новите генерации тука се многу космополитски и навистина отворени кон нови работи.

7. Кои се вашите следни професионални ангажмани и ќе ја посетите ли повторно Македонија?

– Наскоро ќе бидам во Сан Франциско на концерт за ТВ САД, а потоа ќе бидам во Италија за претставата Турандот на Фестивалот Пучини во Торе де Лаго, во театар под отворено небо со 4000 седишта, каде треба да пееш без микрофон. Тоа е навистина голем предизвик, по сум пеел на истото место во последниве години, па сметам дека се ќе излезе добро.

Ние му посакуваме среќа во секоја наредна изведба и повторна средба со македонската публика.

(Наталија Јосифоска)

ФОТО: Андреа Заупа