Танец ја воодушеви Австралија – Македонците ги дочекаа со стоечки овации во преполни сали

ИЗВОРСкопје24
|

Ансамблот „Танец“, направи неверојатен концерт во Мелбурн. Не запамтената посетеност на концертот во Мелбурн најави дека оваа турнеа ќе биде до сега, најуспешна турнеа на наш ансабл, било кога во Австралија. Спектакалот беше поздравен со стоечки овации од публиката. Амбасадорот на македонската култура и традиција, овогодинешната Австралиска турнеја ќе ја заокружи со концерт во Камбера во петок на 22ти и во недела на 24ти во Сиднеј, каде најавуваат специјален настап со кој се надеваат дека ќе ги воодушевуват Македонците на Петтиот континент, но и не само нив.

„Танец“, турнејата ја започна на 17 ноември, во Мелбурн, во престижниот „Melbourne Recital Hall“, каде што пред присутните гости, играорците се претставија во најдобро издание со свои изворни ора и песни од Македонија.

Оркестарот, под раководство на маестро Милан Завков, ја воодушеви публиката, која им возврати со аплаузи и овации, јавува тамошниот медиум на македонски јазик „Фаланга”.

„Најзабележителен беше моментот кога настапи легендарната Сузана Спасовска, со песната „Земјо македонска“. На концертот присуствуваа голем број македонски бизнисмени, претставници на македонски културно-уметнички друштва, претставници од австралискиот политички врв, претставници на македонски политички партии, на спортски друштва, на медиуми од Македонија и Австралија: Фаланга, INTV Australia, SBS Radio и други“, пишува овој портал.

Концертот, како што се додава, поминал во пријатна атмосфера, а естрадните уметници од „Танец“, раководени од директорот Мартин Вучиќ, го дадоа својот максимум за да може публиката да ужива во звуците на традиционалната македонска музика, во звуците на зурлата и тапанот и едноставно во фолклорното наследство на Македонија.

Националниот ансамбл на македонски народни игри „Танец“ оваа години прослави 70 години од своето постоење и е најголем амбасадор на македонската култура низ целиот свет.

Во Мелбурн, домаќин на Ансамблот „Танец“ беше ансамблот „Тоше“ од овој град, а турнејата продолжува во други градови во Австралија, пред сѐ, во оние во кои има поголема концентрација на Македонци.

ТАНЕЦ Е НАЦИОНАЛНО БОГАТСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Пред некое време имав чест да присуствувам на 70 – годишниот јубилеј на Ансамблот Танец и нема воопшто да кријам, туку гордо ќе изјавам дека бев длабоко фасциниран. Не сум го почитувал фолклорот отсекогаш ─ нема ни тоа да го кријам. Кога бев дете го доживував како нешто досадно што мора да се научи, а не како нешто важно. Најмалку пак, како извор на задоволство. За среќа работите се сменија и со текот на моето образование мојот ум беше избрусен од луѓе кои беа (и најверојатно се‛ уште се) попаметни и поинформирани од мене. Со време и со труд успеав најпрво да научам да го почитувам, а подоцна и да го засакам. И сега, на оваа возраст, конечно бев спремен за нешто како Танец и можев правилно да уживам во богатството на песни, танци и ритмови. Навистина и се препуштив на богатата разновидност на форми; никогаш не би претпоставил дека ги има толку многу.

Од тие причини, прво како љубител на фолклорот и второ, како човек кој професионално се занимава со прашањата на културата и уметноста, се почувствував лично погоден од повикот за бојкот на Танец во планираното гостување во Австралија, најавено пред некое време. Се‛ уште сум шокиран и збунет. Едноставно не можам да си одговорам на прашањето: Зошто? Зошто некој би си го ускратил задоволството да ужива во најизворното од сопствената култура, особено кога живее толку далеку од својата земја и сигурно многу му недостасува. Ние во Македонија, а особено Скопјаните, имаме голема привилегија да ни е достапно се‘ што е најдобро од македонската култура, вклучувајќи го и фолклорот. Не сме доволно свесни за привилегијата, тоа е факт ─ но тоа е друго прашање и друг проблем и не сакам премногу да бегам од темата. Едноставно, сакам да кажам дека не можев и се уште не можам да разберам зошто некој не би сакал да ужива во тоа што е најчисто и најавтентично од својата земја. Од таа причина не сакам да зборувам за политика туку за култура. Иако овие два поима се речиси секогаш поврзани еден со друг, мислам дека во случајов првиот и те како му пречи на вториот.

Никој од нас не се родил учен со спремна формула како да ја почитува традицијата; тоа е нешто што се стекнува и што се гради низ целиот живот, а особено во детството и во младоста. Јас ја запознав традицијата преку делата на Блаже Конески, преку неговите песни и есеи, и мислам дека го одбрав најдобриот пат. Затоа би ги препорачал неговите книги на секој кој сака да научи за македонската култура и историја; на секој кој сака да дознае кој е и од каде потекнува. Конески ни вели дека на почетокот на нашата историја и во темелите на на нашата култура и уметност стои фолклорот. Зад нашето сликарство стојат мијачките зографи; зад нашата поезија стои народната песна; зад нашиот танц стои орото. Без плејадата непознати занаетчии и уметници никогаш не би постоеле ниту Лазар Личеноски, ниту Кочо Рацин, ниту пак, самиот Конески. Овие големи уметници воопшто не се срамеле да ги признаат своите долгови кон фолклорот, туку напротив, се гордееле со тоа, зошто токму фолклороното наследство ги правело да бидат единствени ─ тие знаееле дека тој е жариштето на нивната инспирација и индивидуалност.

Целта ми беше да кажам (за жал во многу кратки црти) дека културата не е ништо апстрактно; таа не е ниту име, ниту поим, ниту институција. Таа е „Тешкото“ на Конески, „Ленка“ на Рацин и „Долопот“ на Личеноски. Не дека институциите не се важни – во ниеден момент не го мислев тоа. Но, ако ги немате песната, танцот и сликата, институцијата е само празен калап, пуста форма без суштина. Замислете си некоја култура која не сеќава на главните ликови на сопствените приказни, која ги заборавила зборовите на своите песни и го загубила ритамот на своите чекори. Дали таа група на луѓе ќе може за себе да рече дека е култура? Дали тие луѓе воопшто ќе можат да живеат задно? Секако дека не, затоа што веќе нема да имаат ништо заедничко што ќе ги спои. Тие ќе бидат група на молчеливи, егоистични и апатични луѓе кои по некое време ќе се разотидат – секој на своја страна − и ќе талкаат без никва цел и правец. На крајот, едноставно ќе ги снема, ќе станат невидливи, зошто некој друг ќе ги раскажува нивните приказни, а тие ќе молчат. Тоа се страшните последиците на заборавот. Праксата ја прави културата, а не културата праксата. Институцијата треба да биде само медиум кој верно ќе го пренесе и зачува тоа што веќе постои.

Секој од нас знае дека кога сака да види некоја убава слика треба да оди во музеј. Плаќаме карта и почнуваме да разгледуваме. Но што е со танцот? Што е со музиката? Каде (по)стојат тие? Во кој музеј, во која визба? Дали има музеј за танц и музика? Ќе речете, не зборувај глупости, носиите си стојат во Етнолошкиот музеј и секој може да ги види кога ќе посака. Јас, пак, без размислување ќе ви одговорам: дали сте сигурни дека зборуваме за иста работа? Носијата која е сошиена за посебна пригода, на пример за свадба или за танцување на некој празник не треба да стои во витрина. Да, музеите се неопходни и витрината ќе ја заштити од забот на времето, тоа е точно. Но, таа ќе биде како заборавена книга во напуштена библиотека која никој не ја чита. Таква е и носијата во која се игра оро; доколку во неа не се танцува, таа ќе остане нова и зачувана, но без душа. Ете затоа велам дека Танец е нашиот музеј, нашиот танцувачки и распеан музеј кој се грижи нашиот фолклор и традиција да не станат обични музејски примероци − да ги заштити обичаите од „прашиште“, како што би рекол Конески. Доколку тие вредни луѓе не продолжат да ги облекуваат носиите, да ги пеат песните и да ги играат ората, тие ќе бидат заборавени и изгубени. За тоа им треба поддршка, но највеќе од се, публика. Затоа сметам дека Танец не треба да се бојкотира туку да се слуша и гледа. Само така ќе го зачуваме фолклорот и традицијата. Само така ќе ја зачуваме Македонија.