Технолог за храна апелира: Читајте ги внимателно декларациите на лебот

ИЗВОРСкопје24
|

Лебот е основна намирница која човекот секојдневно ја внесува во својот организам, на пазарот постои разновидна понуда на леб, а она што е од особено значење за сите нас е колку е квалитетен лебот кој што го конзумираме и кој леб е најправилен за секојдневна исхрана. За таа цел разговараме со Бодан Ѓорговски, технолог за квалитет и безбедност на храна. Тој својата богата кариера ја започнал во пекарските индустрии меѓу кои и Жито Лукс, додека моментално е ангажиран во угостителството во компанија за кетеринг.

1. Познато е дека во лебот се додаваат адитиви, колку се тие штетни и постои ли состојка која би можела да се стави во лебот, а сепак да не се тоа адитивите?

-Во современото производство адитивите се важен фактор за квалитетот, трајноста и изгледот на лебот кој го консумираме. Адитивите и вештачките бои се користат, но во пропишани и дозволени количини кои се почитуваат од страна на македонските производители. Според мене употребата на палмино масло во одредени пекарски производи е поштетна од вештачите бои и адитиви.

2. Во маркетите имаме голема понуда на леб, дали воопшто може да најдеме квалитетен леб таму?

– Да секако дека поголемиот дел од македонските пекарски индустриски производители имаат квалитетен леб. Имаат редовни инспекциски контроли, имаат редовни анализи на брашното, имаат сопствена контрола на квалитет и безбедност на лебот која е задолжена да го контролира, гарантира и одобрува финалниот производ. Немам сомнеж дека во Македонија се произведува квалитетен леб.

3. Македонците се луѓе за кои е познато дека доколку на масата нема леб бо изобилство попусто е се, колку здрави состојки има во лебот и според Вас кој леб е поздрав, белиот или црниот?

– Лебот по својот состав е неопходна компонента во секојдневниот оброк. Се додека се внесува во умерени, препорачани количини го одобрувам неговиот внес. Моја препорака за здрав избор ќе биде црниот леб бидејќи содржи поголема количина на фибер влакна, магнезиум и цинк, како и леб кој содржи цели зрна. Важно е лебот да ги содржи зрната во целост, затоа препорачувам македонските консументи повнимателно да ги читаат декларациите за да направат подобар избор.

4. Ќе потврдите ли дека лебот без разлика дали е црн или бел допринесува за појава на вишок килограми, која е дневната доза која му е потребна на организмот за да може да функционира?

– За одржување на телесната тежина потребни се 6 до 8 кришки леб дневно. Надминување на таа количина би придонело за покачување на телесната тежина, додека помал внес би придонел за намалување на телесната тежина. Нутриционистите ќе кажат дека консумирањето на леб не е основна причина за зголемување на телесната тежина, туку дека главна причина е внес на висококалорична и неизбалансирана храна (комбинирање на протеини со јагленихидрати), што би придонело за отежнато варење на внесената храна и таложење на масни наслаги.

5. Голем број луѓе се алергични на глутен. Дали препорачувате комплетно да го исфрлат лебот од исхраната?

– Моја препорака е секој пред да се декларира како алергичен на глутен, најнапред да направи медицински анализи кои би ја потврдиле интолеранцијата. Не секоја надуеност и стомачна тегоба треба да се поврзува со интолеранција со глутенот. Кај лицата кај кои е потврдена интолеранцијата на глутен потребно е да го исфрлат обичниот индустриски леб и да го користат глутен фрее лебот кој го има во нашите маркети.

Љ.С