Тепачка меѓу две жени на нива во Скопско – Прво ја удирала со клешти по главата, па почнала да ја дави со раце, маж и жена од Скопје измамени со продажба на дрва…

На 15.04.2018 година во 14.00 часот било пријавено дека во нива во село Усје, скопско, С.С.(47) од село Усје, го нарушила јавниот ред и мир со физички напад врз лицето Л.С.(59) од истото село.

Додека Л.С. работела во нивата заедно со нејзиниот сопруг, алиштата ги ставила на столбовите од лозјето на С.С.

Таа (С.С.) ги фрлила алиштата и започнала со клешти да ја удира Л.С. во пределот на главата по што и нанела видлива повреда.

После тоа, ја турнала на земја и почнала со раце да ја дави.

По целосно документирање на случајот против С.С. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 15.04.2018 година, Т.Г. (69) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 08.10 часот на бул. „Борис Трајковски” во Скопје од страна на непознат сторител му била извршена измама.

Сторителот влегол во неговиот двор и го прашал дали му требаат дрва. Откако се договориле за цената отишле кај фабрика “Хемтекс” со цел оштетениот да ги види дрвата.

За кратко се разделиле, Т.Г. останал да чека. За тоа време сторителот отишло кај неговата сопруга и и побарал 13.800 денари за дрвата, со изговор дека го пратил нејзиниот сопруг, по што заминал во непознат правец.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 15.04.2018 година, А.А.(33) од Скопје пријавил дека на 14/15.04.2018 година на ул. „Аминта Трети” непознат сторител го одзел неговиот мотоцикл „YIYING” со скопски регистарски ознаки. Сторителот со употреба на погоден предмет ја скинал сајлата со која бил обезбеден моторциклот, го одзел и заминал во непознат правец. Се преземаат мерки за расчистување на настанот и за пронаоѓање на мотоциклот.

На 15.04.2018 година, М.Т. (47) од Скопје пријавил дека во периодот од 19.00 часот на 14.04.2018 до 11.00 часот на 15.04.2018 година, од подрумски простории на ул. „Лихнида” непознат сторител го одзел неговиот мотоцикл „Јамаха” со скопски регистарски ознаки. Сторителот влегол во гаражите, го одзел мотоциклот и побегнал во непознат правец. На тој начин сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 160.000 денари. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 15.04.2018 година, З.М. (49) од Скопје пријавил дека од 14.04.2018 година од 06.00 часот во непознат правец се оддалечил неговиот родител И.М. (77) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 13.04.2018 година околу 16.00 часот на ул. „Шефки Сали“ во Велес, додека лицата Н.Ш. (33) и Б.П. се движеле по улицата, биле нападнати од пет кучиња скитници. Притоа, Н.Ш. бил каснат за десната нога.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ф.М. (19) и А.М. (19), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 03.03.2018 година околу 01,30 часот во дискотека во Штип, пријавените физички го нападнале Ф.И. (30) од Штип, при што му нанеле тешка телесна повреда во пределот на лицето.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Р. О. (20) од Пробиштип поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „загрозување на сигурноста на службено лице”, „бегство на лице лишено од слобода” и „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста”. На 25.03.2018 година околу 05.50 часот во Пробиштип пријавениот учествувал во сообраќајна незгода и го напуштил местото, но набргу потоа бил фатен и приведен во полициска станица. При проведување, тој упатувал закани по животот на полициските службеници и нивните семејства. Истиот ден околу 16.40 часот во Полициската станица Пробиштип, во просториите за задржување, пријавениот физички нападнал полициски службеник и побегнал. При повторното приведување, тој пружал активен отпор, а се обидувал физички да ги нападне полициските службеници.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против П.К. (31) од Скопје и З.С. (55) од село Ратае, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени седум кривични дела „измама“. Во периодот од 2013 година до јануари 2018 година на жители од Скопје и селата Жилче и Ратае, пријавените за одреден паричен надоместок им нуделе помош за добивање на неповратни парични средства од програмата за рурален развој, и покрај тоа што не ги исполнувале законските услови. На овој начин пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 504.280 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против М.Г.П. (31) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во текот на 2017 година, пријавената како директор на ООУ „Манчу Матак“ во Кривогаштани, не ја доставила завршната сметка до регионалната дирекција за јавни приходи во законски предвидениот рок, по што била поднесена прекршочна пријава за неплатен персонален данок против одговорното лице во ООУ „Манчу Матак“ – Кривогаштани. По ова, пријавената, за да изврши уплата на половина од сумата наведена како казна во прекршочната пријава, подигнала 18.000 денари од трезорот на училиштето, за што не постои благајнички извештај.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против М.Г. (62) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „надрилекарство“. Во периодот од мај 2016 година до поднесување на пријавата, пријавената, без да поседува соодветно образование, положен стручен испит и лиценца за работа за вршење на лекарска дејност, вршела очни прегледи и одредувала диоптрија на пациенти.