Тинекс со демант: Не ги обезбедивме потребните количини на овошје и зеленчук бидејќи не се достапни по цените кои ни се наложени

|

Во врска со објави на електронски медиуми на ден 26.04.2023 за изречени прекршочни и кривични казни поради непочитување на одлуката на Влада за замрзнување на цените на овошје и зеленчук, Ве известуваме за следното:

Од страна на Пазарен инспекторат на ден 22.04.2023г. беа извршени контроли во неколку маркети на ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ. Информацијата дека се изречени прекршочни казни е точна, казните се изречени од причина што во маркетите немало количини или воопшто немало одделни производи (овошје, зеленчук) кои се опфатени со мерките на Влада.

И покрај сите сторени напори, направени нарачки и остварени контакти со добавувачи, ТИНЕКС-МТ не успева да ги обезбеди потребните количини на овошје и зеленчук пропишани со Одлуката на Влада, од причина што истите не се достапни на пазарот по цени по кои е наложено да се набавуваат и продаваат. ТИНЕКС-МТ како трговец со својата најдобра намера да излезе во пресрет на своите потрошувачи како и да ги исполни одлуките на Влада, не е во можност да продава производи доколку добавувачот не му ги дистрибуира.

Ги повикуваме медиумите да пласираат одмерени информации и податоци, претходно проверени, а не произволно коментирани и со изнесување невистини кои директно влијаат на нарушување на угледот на компанијата.