Трик со кој за секунда ќе излупите пиперки за зимница – За највкусен ајвар зимава

ИЗВОРСкопје24
|

Дојде септември, месецот кога се прави ајвар, зимница и лутеница.

Има супер трик за полесно да се излупат пиперките за ајвар. Ако сакате полесно да ги излупите пиперките кои ги печете, ставете ги во кесе и заврзете го.

Нека стои одреден период, па сама ќе се оддели лушпата и се ќе оди побрзо.

Во продолжение прочитајте и рецепт за македонски ајвар, кој е стар со децении, се пренесува од генерација на генерација и им успева на сите!

Состојки: 10 килограми црвени пиперки, 3 големи модри патлиџани, 5 децилитри масло, сол по желба и 1 голема лажица шеќер.

Приготвување: Испечете ги пиперките на рингла или во рерна. Веднаш по печењето, ставете го во пластични вреќички неколку минути за да омекнат и да ви се олесни отстранувањето на лушпите.

Кога ќе се оладат малку, секоја пиперка излупете ја и исчистете ја од семки, па ставете ги во голема цедалка или мрежеста вреќа, која ќе ја закачите за да се исцедат пиперките (потребни се најмалку 3 часа за цедење).

Испечете ги модрите патлиџани исто како пиперките, потоа исто така задржете ги кратко во вреќички, па излупете ги и оставете ги да се цедат.

Исцедените пиперки и патлиџани сомелете ги со рачен апарат за мелење месо, па сето тоа префрлете го во голем лонец и ставете го на тивок оган.

За време на готвењето, непрекинато мешајте, а маслото постепено сипувајте го по 1 децилитар на секои 20 минути. Мешајте непрекинато, бидејќи маслото не смее да излезе на површина.

Најлесно ќе проверите дали ајварот е готов, ако поминете со дрвена лажица по дното на лонецот, по што треба да создаде пат од лажицата, односно треба да го видите дното на тенџерето.

Солта и шеќерот додајте ги пред самиот крај, односно во последните 20 минути од готвењето. Во меѓувреме, додека ајварот се прави, треба да ги подготвите теглите. Загрејте чисти тегли на 50 степени и во нив сипете го ајварот додека уште е топол. На врвот од секоја наполнета тегла ставете малку масло и затворете ги со капак, па оставете ги во кутија и покријте ги со чаршав.

Оставете ги покриени постепено да се ладат 24 часа, а потоа тргнете ги на ладно и мрачно место.